„Утре сум во Париз со претседателот Макрон. Половина од светот буквално се подготвува за воен конфликт. Мораме да го решиме прашањето на НИС, прашањето за гасот, многу други прашања“, рече Вучиќ во разговор за телевизијата Информер.
Српскиот претседател изрази надеж дека ќе може до петок да ѝ донесе добри вести на јавноста.
„Се надевам дека во следните неколку дена ќе имаме решение за НИС и дека на тој начин ќе воспоставиме целосна стабилност во земјата и безбедност во снабдувањето со енергија“, кажа Вучиќ.
Важно е да го чуваме мирот во Србија и за Србија, нагласи тој.
Тој исто така рече дека неговата изјава дека Европа се подготвува за војна со Русија била слушната од Авганистан до Велика Британија.
„Ни денес не сум помалку убеден во моите зборови. Се надевам дека Американците ќе воспостават некаков вид примирје меѓу Русите и Украинците, но не верувам дека заканите за конфликт меѓу Европа и Русија се завршени“, кажа српскиот претседател.
Кремљ се согласува со ставот на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Европа се подготвува за војна со Русија, изјави синоќа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„Таква атмосфера навистина постои, таа е лоша“, му кажа портпаролот на Кремљ на новинарот Александар Јунашев во интервју за Лајф, коментирајќи ја неодамнешната изјава на српскиот претседател.






