Со ова, Вучиќ ја почна својата посета на Обединетите Арапски Емирати, за време на која ќе учествува на свеченото отворање на Неделата на одржливост 2026, како и ќе се сретне со домаќинот на состанокот, претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателот на Србија на својот инстаграм профил порача дека со нетрпение очекува да се сретне со претседателот на ОАЕ и му се заблагодари за поканата да учествува на еден од најголемите глобални собири посветени на одржливиот развој, кој, како што истакна, ја носи пораката за споделена одговорност за иднината на планетата.
Вучиќ кажа дека сака Србија да биде безбедна, развиена и изградена како Обединетите Арапски Емирати, како и еколошки одржлива и пример за стабилен напредок и пријателски односи со земјите што ги делат истите вредности.
Тој додаде дека Србија има силен и посветен партнер во ОАЕ во таа мисија.
Програмата на посетата предвидува учество на претседателот Вучиќ на панелот „Партнерство и соработка во областа на енергетиката“, како и присуство на церемонијата на доделување на наградата за одржливост „Зајед“, која традиционално се доделува како дел од овој собир.
Неделата на одржливост на Абу Даби е глобална иницијатива насочена кон презентирање на достигнувањата и трендовите во областите на технологијата, енергетиката, образованието и вештачката интелигенција во контекст на одржливиот развој.
На собирот учествуваат шефови на држави, претставници на влади, експерти и инвеститори со цел размена на знаења и презентирање стратегии и решенија за економски, социјален и еколошки напредок.
Неделата на одржливост на Абу Даби 2026 се одржува од 11 до 15 јануари, а официјалната церемонија на отворање е закажана за 13 јануари.






