понеделник, 8 декември 2025

Вучиќ по средбата со Макрон: Белград конечно ќе добие метро

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз разговарал за сите стратегиски прашања за соработка меѓу двете земји и најави дека наскоро ќе биде потпишан комерцијален договор со француската компанија Алсто за изградба на првата линија на белградското метро.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателите на двете земји се сретнаа во Елисејската палата. На официјалниот прием пред палатата присуствуваа припадници на француската гарда, а Макрон му приреди работна вечера на Вучиќ.

Во своето обраќање пред новинарите Вучиќ истакна дека станува збор за исклучително важна и суштинска средба со Макрон и дека разговарале за сите важни геополитички, регионални и билатерални прашања, како и за европскиот пат на Србија.

„До 15 декември конечно ќе потпишеме комерцијален договор за изградба на првата метро линија со француската компанија Алстом, значи во следниот месец. Ја завршуваме таа работа или влегуваме во последната фаза, така што за две и пол години ќе ја имаме првата метро линија – две и пол, три, не е важно – но Белград конечно добива метро“, кажа Вучиќ.

Тој изјави дека е многу задоволен што имал можност да разговара три часа со претседателот на Франција, кого го смета за еден од клучните светски лидери. Тој изјави дека разговарале за стратегиски важни прашања и планови за следниот период.

„Ќе ми треба малку време детално да анализирам сè и да ги разгледам забелешките. Секако, една од главните теми беше европскиот пат на Србија. Убеден сум дека во следната година можеме да постигнеме значителен напредок. Многу зависи од нас, но очекувам и поволен став од ЕУ што би ѝ овозможил на Србија да напредува. Исто така, се осврнавме на сите билатерални прашања“, кажа Вучиќ.

Тој нагласи дека трговијата меѓу Србија и Франција за прв пат оваа година ќе надмине две милијарди евра.

„Разговаравме за различни области, заеднички инвестиции, француски инвестиции во Србија, како и соработка во областа на вештачката интелигенција“, додаде тој.

Вучиќ изјави дека го информирал Макрон за моменталната состојба во врска со НИС и изјави дека српската делегација ќе има средби со Американците во петок.

„Утре имаме состанок со Американците, се надевам дека тогаш ќе се знае нешто повеќе и дека ќе можеме да го решиме тоа“, кажа српскиот претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ