понеделник, 5 јануари 2026

Вучиќ: По акцијата во Венецуела јасно е дека меѓународниот правен поредок не функционира

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави денес дека по американската акција во Венецуела јасно e дека меѓународниот правен поредок и Повелбата на Обединетите нации не функционираат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во светот доминира правото на сила, правото на посилниот, и тоа е единствениот принцип на модерната политика кој постои во светот денес, изјави Вучиќ за новинарите во Белград, по седницата на Советот за национална безбедност.

„Сакаме пријателство со Соединетите Американски Држави, но наше е да кажеме кога постои кршење на меѓународното право“, кажа претседателот на Србија и додаде дека народот на Венецуела бил со Србија и затоа сака да се крене и да ја изгради својата земја.

Урнатиот венецуелски претседател Николас Мадуро беше префрлен во затвор во Њујорк во саботата навечер откако беше заробен од американските власти, кои имаат намера да ја „предводат“ транзицијата во Венецуела.

Според американските медиуми, Мадуро пристигнал на аеродромот во Њујорк, а потоа со хеликоптер бил префрлен во федералниот затвор во Бруклин.

Претседателот на Србија изјави дека реакциите што доаѓаат од светот за Венецуела не значат многу.

„Без разлика дали изразувате несогласување или согласност, резултатот е ист, правото на посилниот доминира во светот, а кој е посилен, тој си толчи. И тоа е единствениот принцип на политиката во светот денес“, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека „најдобар пример за ова е реакцијата на европските претставници кои имаат ситни интереси кога станува збор за Мадуро, но во исто време се плашат од тоа што ќе се случи утре со Гренланд и европското единство“.

Вучиќ: Во моментов на Србија не ѝ се заканува опасност од потенцијален агресор

Вучиќ изјави дека во моментов Србија не е загрозена од потенцијален агресор, но тоа не значи дека нема да постои за неколку месеци или една година.

Тој, по денешната седница на Советот за национална безбедност, кажа дека тоа тело разговарало за прашања од регионалната воена и политичка безбедност со осврт на ситуацијата во Европа и светот, енергетската безбедност и безбедноста на Србија и американскиот напад во Венецуела.

Тој кажа дека еден од заклучоците на Советот е дека, во случај на евентуална агресија, никој нема да ѝ помогне на Србија, туку дека таа мора да се потпре на сопствените сили.

„Видовте од она што се случи во Венецуела дека мора да веруваме во себе. Тоа е еден од заклучоците на Советот за национална безбедност. Ако некој од регионот нè нападне, никој нема да ни помогне“, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека на седницата било оценето дека воениот сојуз на Приштина, Тирана и Загреб претставува „посебна закана“ за безбедноста на територијалниот интегритет и суверенитет.

„Особено сме загрижени за понатамошното вооружување на Приштина спротивно на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244, која де факто е суспендирана од големите западни сили и одредени големи регионални играчи како што е Турција. Посебна закана за безбедноста на нашиот територијален интегритет и суверенитет претставува сојузот на Приштина, Тирана и Загреб, кој се одвива на широко поле и вклучува заеднички развој на сложени борбени системи. Србија го следи ова внимателно и се подготвува да се одбрани од оние кои отворено ѝ се закануваат на нашата земја“, кажа Вучиќ.

Ги повика раководството на Газпром и Унгарците што поскоро да го склучат договорот за НИС

Претседателот на Србија ги повика раководството на руската компанија Газпром, која е мнозински сопственик на Нафтената индустрија на Србија (НИС), што поскоро да го склучи договорот за продажба на својот удел во таа српска компанија на Унгарците, со цел да се излезе од режимот на американски санкции.

„Сега е јасно дека тие преговараат со нив (Унгарците). Ги повикувам што поскоро да го завршат договорот за купопродажба, за да можеме да излеземе од режимот на санкции и Србија да може да продолжи да расте“, изјави Вучиќ пред новинарите во Претседателството.

Медиумите претходно објавија дека руски Газпром ќе го продаде својот удел во НИС на унгарската нафтена компанија МОЛ.

Вучиќ кажа дека Србија ќе плати до 5 јануари и дека очекува првите 85.000 тони нафта да пристигнат до 13 или 15 јануари.

„Рафинеријата ќе почне со работа на 17 или 18 јануари, што значи дека таму ќе можат да мешаат нафта и да произведуваат нафтени деривати од 25 или 26 јануари“, најави Вучиќ.

Тој изјави дека Србија сега ги полни своите резерви и дека ќе има доволно електрична енергија, гас и нафтени деривати, „и покрај сите проблеми“.

Како што наведе, санкциите против НИС „продолжуваат да се надвиснат над Србија“, како и санкциите против кинеската компанија Линглонг во Зрењанин, која вработува 1.300 и 1.400 луѓе, додавајќи дека Србија ќе се справи и со тоа.

Вучиќ изјави и дека американскиот претседател Доналд Трамп основал агенција за доминација на САД во сферата на енергетиката во светот и дека таа работи во Белата куќа.

„Насекаде во светот, дури и овде во Србија, тие ќе сторат сѐ што можат за да ги избркаат конкурентските земји, пред сè Кина и Русија“, кажа Вучиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ