„Оние од Хрватска мислат дека ја погребале Србија, дека Србија ќе биде слаба и очајна како што беше во времето на (поранешниот српски претседател Борис) Тадиќ. Кога имаа парада, која беше значително помалку успешна од нашата, ги пофалив. Нашата армија е исклучително организирана армија, исклучително успешна армија. Не се сомневам во тоа. Она што го купуваат сега, она што (хрватскиот министер за одбрана Иван) Анушиќ сега го нарача за две милијарди, нека им е. Јас би го одиграл поинаку, но добро“, кажа Вучиќ.
Минатата недела хрватската парламентарна комисија за одбрана ја одобри набавката на заштита од беспилотни летала, хаубици „цезар“, тенкови „леопард 2А8“ и теренски камиони ТАТРА со вкупна вредност од 1,945 милијарди евра.
Анушиќ по затворената седница на парламентарната комисија извести дека министерството за одбрана ќе набави систем за заштита од беспилотни летала, 44 тенкови „леопард 2А8“, 18 самоодни хаубици „цезар МК2“ и 420 тешки теренски камиони ТАТРА Т-815-7.
Кон средината на март Хрватска, Албанија и Косово потпишаа декларација за зајакнување на одбранбената соработка, што треба да придонесе за безбедноста на Југоисточна Европа. Вучиќ постојано ја критикува оваа воена соработка, главно поради тоа што Косово не смее да има војска според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Ги прашав Рама, Османи и Хрватите за сојузот на Приштина, Тирана и Загреб. Во НАТО има четири земји кои не ја признаваат независноста на Косово. Каква врска има тоа со НАТО? Тоа беше направено дури и против принципите на НАТО. Тоа беше направено само против Србија“, кажа тој вчера.
„Ајде, да не се правиме наивни. Тоа не беше направено против Австрија. Словенија и Хрватска не се обединија воено против Австрија. Приштина и Тирана не се обединија против Австрија, која е единствената која е сè уште формално воено неутрална, во суштина долго време не е воено неутрална. Сите знаеме против кого се обединија“, додаде тој.






