Меѓу истакнатите билатерални средби на 9 мај ќе биде средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и српскиот претседател Александар Вучиќ, потврди советникот на претседателот Јуриј Ушаков. Како што рече Ушаков, тие ќе разговараат за „целиот спектар на билатерални прашања“, но и за политичката ситуација во Западен Балкан.
Еден ден подоцна, Вучиќ ќе присуствува на парадата со која Русија ја слави 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.
Претходно, провладините руски медиуми објавија дека на Вучиќ му е забрането да лета до Москва преку Латвија и Литванија, додека српските медиуми објавија дека Полска го одобрила летот.
Вучиќ утрово во Белград имаше средба со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко.
Неговото патување во Москва предизвика реакции од Европската комисија, која рече дека „односите со Русија не можат да бидат како и обично додека војната продолжува“.