сабота, 3 мај 2025

Вучиќ оди во Москва на Денот на победата, ќе се сретне со Путин

Претседателот на Србија Александар Вучиќ потврди дека на 9 мај ќе отпатува во Москва, каде ќе присуствува на парадата по повод Денот на победата над фашизмот и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вучиќ на телевизија Пинк порача дека „гордо ќе ја претставува Србија“ на одбележувањето на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

„Кажав уште пред осум месеци дека ќе одам во Москва. Јас ќе одам во Москва“, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека во главниот град на Русија веројатно ќе патува сам и дека поради тоа „ќе ги прими сите удари од светот, и одвнатре и однадвор“.

„Не сакам владата на Џуро Мацут да ја плаќа цената. Сакам тој да има прилика да соработува со Европската Унија како што треба и никој да не може ништо да му замери. Тешко дека ќе оди војската, бидејќи би била изложена на притисоци и санкции“, кажа Вучиќ.

Тој најави дека со рускиот претседател ќе разговара за нов гасен аранжман, како и за иднината на Нафтената индустрија на Србија (НИС), на која ѝ се закануваат американски санкции поради рускиот сопственички удел.

„До 30 мај мораме да потпишеме гасен договор. Мораме да го решиме прашањето на нафтената компанија. Мораме да разговараме и за сите други теми“, кажа Вучиќ.

Тој најави и посета на комесарката за проширување на Европската Унија Марта Кос на Белград на крајот на април и изрази надеж дека пред заминувањето во Москва ќе има прилика да разговара и со американското раководство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ