„Очекуваме скоро потпишување на краткорочен договор за испорака на гас по добри цени. Секако, до лето нема да имаме никакви проблеми со гасот и тоа се добри вести за граѓаните“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.
Наведе дека е добра вест и тоа што САД ја продолжиле лиценцата на руската компанија Лукоил до 26 април следната година.
„Лукоил во Србија има 112 бензински пумпи и ќе може да функционира со увезени нафтени деривати“, рече Вучиќ.
Додаде дека е добро што пумпите на Лукоил се рамномерно распоредени низ цела Србија и дека само девет проценти се во Белград.
Коментирајќи ја можноста САД да воведат секундарни санкции кон Народната банка на Србија и кон деловните банки доколку се врши платен промет со Нафтната индустрија на Србија (НИС), која е под американски санкции, Вучиќ рече дека извесно време ќе има платен промет, што претставува ризик за Србија.
„Американската логика е да го истераат своето до крај, без оглед на тоа каква цена ќе плати Србија, а руската е да го истераат своето до крај. Не воведувале тие санкции кон Американците, велат не се виновни — тоа е точно — но не сме ни ние и не сме должни да страдаме поради нивните односи“, изјави тој.
Додаде дека е горд со државата, бидејќи 55 дена ниту капка нафта не стигнала преку нафтoводот, рафинеријата во Панчево е затворена, а „нема проблеми во снабдувањето со нафтени деривати“.
„Имаме илјада технички проблеми, но морам да бидам горд со луѓето, кои напорно работат. Резервите ги наполнивме целосно и тоа некој мораше да го плати. Инфлацијата во ноември ја намаливме на 2,7 проценти. Влегуваме во рамките што ги посакувавме. Успеавме драматично да ги зголемиме пензиите“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија до 15 јануари нема да има никакви проблеми во снабдувањето со нафтени деривати, а по тој датум состојбата е неизвесна.
„Сигурен сум дека Русите во разговор со партнерите ќе договорат пренос на сопствеништвото во НИС во согласност со американските санкции“, изјави Вучиќ.
Според него, Србија поради санкциите кон НИС ќе има забавен економски раст, поради што ќе има нешто помало зголемување на пензиите и платите доколку санкциите не бидат укинати.
„Следната година веројатно ќе биде најдобра во историјата во поглед на промената на ликот на Србија, растот на животниот стандард и инфраструктурните проекти. Се грижиме, вредно работиме и ќе успееме да ги решиме проблемите“, изјави Вучиќ.






