„Знам како оди тоа: ќе се појават прво двајца, потоа уште еден кој ќе излезе со иницијатива против мене. Но, ако мислеа дека ќе молчам, како што некои им молчеа, нема да го направам тоа. Мојот одговор ќе биде сериозен, одговорен и однапред подготвен. Нема да го читам, ќе зборувам од срце, но ќе им кажам сè“, им рече Вучиќ на новинарите од Србија во Москва.
Тој рече дека Србија ќе продолжи да се движи по европскиот пат и повтори дека ако некој треба да ја плати цената на посетата на Москва, тоа ќе биде тој, а не државата.
Вучиќ рече дека никого не излажал и дека пред осум или девет месеци, кога разговарал по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, ветил дека ќе присуствува на Парадата на победата.
„Ветување не е кога даваш збор во кафана, со музика и пијалак. Ветувањето е нешто што мора да се исполни кога е тешко. Човек се држи до својот збор, а вол за роговите. И ако си дал збор, тогаш твое е да дадеш сè за да го исполниш“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека Србија е горда на својата антифашистичка борба и дека, „за разлика од некои други, не ги пречекала нацистите со цвеќе во Втората светска војна“.
Зборувајќи за својата здравствена состојба, Вучиќ рече дека му е потешко откако ја сменил терапијата, но дека очекува да се навикне на неа и дека тоа нема да влијае на неговите планови да „продолжи да се бори за народот на Србија“.
Вучиќ денес му го врачи орденот на Република Србија од прв степен на патријархот на Руската православна црква Кирил за, како што рече, сè што направил не само за единството на двата народа и единството на двете цркви, „туку и за поддршката што ѝ ја пружил на Србија во тешки времиња“.
„Ова е уште една важна работа во понатамошниот развој на српско-руските односи“, оцени Вучиќ.