среда, 17 декември 2025

Вучиќ: Ние сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра

Српскиот претседател Александар Вучиќ се обрати до јавноста откако утрово ги прими учениците од Техничкото училиште „Никола Тесла“ од Вуковар. Тој коментираше за актуелните теми, вклучувајќи ја и веста дека компанијата на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, одлучи да се повлече од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс, планиран на местото на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сè што се случи во врска со Генералштабот, горд сум на сите што учествуваа во обидот да се донесе толку голем инвеститор, а со кампањата и хајката која се водеше против инвеститорот, успеавме да го уништиме сето тоа“, рече Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.

Тој кажа дека се чини дека „е потребно сè да се оцрни, да се уништи Србија, да се остави без инвеститори, електрична енергија и плати“.

„Оваа приказна денес станува само афера, како земја и народ сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра, а блокадите ни предизвикаа вкупна штета од милијарда и пол. Штетата предизвикана на Србија е огромна. Сега ќе имаме срушена зграда од која ќе паѓаат тули, и никој повеќе нема да ја допира“, кажа тој.

Тој се осврна и на Обвинителството за организиран криминал во Србија, кое вчера поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за злоупотреба на службената положба и фалсификување документи во врска со овој луксузен проект за недвижнини.

„Ние Србите сме мајстори за пропуштени можности, само соседот да му цркне кравата на кој било начин. Јас лично ќе поднесам кривична пријава против сите кои учествуваа во оваа хајка и уништувањето на инвестицијата, и од Обвинителството и од полицијата“, најави тој.

Тој нагласи дека „како одговорен човек, му е жал што изгубија инвестиција од 750 милиони евра“ и дека сега „некој завршен проект во Албанија ќе го привлече целото внимание на светот“. Вучиќ истакна дека во соопштението за медиумите на компанијата на Кушнер е наведено дека се повлекуваат од проектот „за да не се подели народот“.

„Што очекувавте луѓето да напишат? Дали очекувавте луѓето да напишат: „Се повлекуваме затоа што таму има идиоти кои не сакаат инвестиција од 750 милиони евра и кои уживаат гледајќи како срушените згради од пред 26 години ќе останат такви во следните 100 години? Дали очекувавте да кажат дека таму има идиоти кои не сакаат американски инвестиции? Секако дека нема“, кажа Вучиќ.

„Тие логично кажаа: „Очекувавме дека сите ќе ни бидат благодарни, очекувавме дека тоа ќе ги обедини луѓето, дека луѓето ќе бидат воодушевени. Но, знаете, има некои кои не се ентузијасти, но, читајќи меѓу редови, некои кои не разбираат што е држава, ниту што е народ, ниту кои се интересите на граѓаните на Србија, па затоа беа против тоа“, додаде Вучиќ.

На почетокот на годината беше објавено дека инвестициската компанија Афинити партнерс, која заеднички ја основаа Кушнер и милијардерот од Обединетите Арапски Емирати Мохамед Алабар, планира да изгради луксузен хотелски и станбен комплекс Трамп на местото на Генералштабот на поранешната Југословенска народна армија, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

Од минатата година во српската јавност се кршат копјата околу законската основа за предавање на просторот на тешко оштетениот Генералштаб, кој има статус на културно богатство, на странска компанија за 99 години.

Инсистирајќи на тврдењето дека проектот е во интерес на државата и нејзиниот главен град, што особено го промовираше Вучиќ, владејачката партија во српскиот парламент донесе посебен закон со кој се овозможува градба во населбата, чии делови имаат статус на заштитено културно богатство поради нивната архитектонска вредност.

По донесувањето на тој закон следеше афера со фалсификување на одлука во Републичкиот завод за заштита на спомениците за бришење на зградите на поранешниот Генералштаб и Министерството за одбрана од регистарот на недвижни културни добра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ