четврток, 11 декември 2025

Вучиќ му одговори на Лавров: Не ни паѓа на памет некому да му грабаме нешто

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека Белград нема намера да посегнува по туѓ имот, порачувајќи дека Србија сака Нафтената индустрија на Србија (НИС) да продолжи нормално да функционира. Тој изрази подготвеност да ги разгледа сите предлози од руска страна.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сè што нашите руски пријатели мислат дека можеме да направиме за НИС да продолжи нормално да функционира, ние досега направивме. Ќе го направиме тоа и во иднина. Само се плашам дека не е толку едноставно како што звучи, но ако имаат конкретни идеи, ние сме подготвени да ги слушнеме“, кажа Вучиќ.

Тој, коментирајќи ја претходната порака на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека не може да има национализација на НИС без заедничка согласност, повтори дека Србија не размислува за конфискација на имот.

„Како што кажав многу пати, никогаш не ни паѓа на ум да грабнеме нешто од никого. Ќе направиме сè за сопствениците на нивниот капитал да останат задоволни сопственици. А ако функционирањето стане невозможно, Србија ќе плати, како што им доликува на сериозни, пристојни земји“, најави тој.

На прашањето каква е изјавата на Лавров за барање решение кое би овозможило продолжување на работата на НИС, а воедно би се избегнале американските санкции, Вучиќ одговори дека би било одлично доколку е можно. Вучиќ нагласи дека Србија нема да дозволи да остане без клучни енергетски капацитети.

„Србија без нафта, без НИС и без рафинерија, тоа нема да се случи. Ѝ посакувам на руската страна многу успех и ние ќе помогнеме во сè што можеме. Само не мислам дека лесно ќе се најде решение“, истакна тој. Додаде дека меѓународните институции, како што се ММФ и Светската банка, даваат позитивни економски прогнози за Србија, но дека фокусот во моментов мора да биде на енергетскиот сектор.

„Тие предвидуваат дека во следните пет години ќе бидеме најбрзорастечката економија во регионот. Но, прво мора да ја решиме оваа енергетска ситуација, а потоа сè друго ќе биде полесно“, кажа српскиот претседател.

Лавров претходно изјави дека процесот на преговори во врска со компанијата НИС е во тек и повтори дека меѓувладиниот договор меѓу Србија и Русија јасно предвидува дека национализација не може да се случи без меѓусебна согласност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ