среда, 25 февруари 2026

Вучиќ: Меѓународната заедница треба најсериозно да ја сфати загрозеноста на Србите на Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес му се пожали на специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина Петер Соренсен за тешката позиција на Србите, нагласувајќи ја својата загриженост за намерата на Приштина да почне со спроведување нови закони кои би можеле да дискриминираат српската заедница.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во февруари 2025 година Соренсен ја презеде функцијата од словачкиот дипломат Мирослав Лајчак и на почетокот на својот мандат изјави дека целосната нормализација на односите е единствениот начин и Србија и Косово да бидат дел од Унијата. По состанокот во Белград Вучиќ на Инстаграм „особено ја изрази својата загриженост во врска со намерата на Приштина да почне со спроведување нови ескалирачки и длабоко дискриминаторски одлуки од 15 март“ што „директно го загрозуваат опстанокот на српскиот народ“ на Косово.

Белград го гледа најавениот Закон за странци како можна закана за прашањата за престој, работа и опстанок на илјадници луѓе кои функционираат во системот на српските институции. Ова особено се однесува на образованието, бидејќи многу студенти од Србија, од северот на Црна Гора и половина од професорите и соработниците на факултетите во Косовска Митровица можат да се сметаат за странци според новиот закон.

Тие ќе можат да останат на територијата на Косово максимум три дена или да наведат причина за продолжениот престој, а доколку причината е студирање или работа на еден од факултетите, тогаш таа институција мора да биде акредитирана во Приштина.

Според Вучиќ, тој побарал „меѓународната заедница многу сериозно да ги сфати овие исклучително важни прашања и да стори сè за да се осигура дека правата“ на српската заедница на Косово се почитуваат. Тој исто така нагласи дека со приклучувањето на Косово кон воениот сојуз со Албанија и Хрватска „тензиите дополнително ќе се зголемат и безбедноста на српскиот народ ќе биде загрозена“.

„Ја нагласив потребата да се преземат, без понатамошно одложување, конкретни чекори кон формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО), на која српскиот народ на Косово и Метохија чека 13 години“, кажа Вучиќ, алудирајќи на Бриселскиот договор од април 2013 година.

Со тој договор Приштина се обврза да ја формира ЗСО, но одбива да го стори тоа бидејќи не сака да ги предаде извршните овластувања на локалните заедници со мнозинско српско население. Шефот на канцеларијата на српската влада за Косово и Метохија Петар Петковиќ се сретна со Соренсен и му соопшти дека повеќе од 10.000 Срби се директно загрозени од најавениот закон.

Тие, вели тој, живеат и работат на Косово, а нивните „фундаментални човекови и граѓански права, правото на работа, правото на слобода на движење, правото на семеен живот, здравствена заштита и образование“ се загрозени. И Петковиќ го повтори барањето за итно формирање на Заедницата на српски општини.

Приштина еднострано прогласи независност на 17 февруари 2008 година со Декларацијата усвоена од Собранието на Косово, а во меѓувреме беше призната од западните земји, но не и од Кина и Русија и пет земји-членки на ЕУ. Србија одбива да ја признае државноста на Косово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ