„Горд сум бидејќи секоја година ја менуваме судбината која ни била наменета. Менувајќи се себеси, ја обезбедуваме иднината на нашиот народ. Спротивставувајќи се и пружајќи им отпор на оние кои ни ја намениле судбината на исчезнување, покажуваме дека ќе живееме“, кажа денес српскиот претседател.
„Партизаните, Црвената армија, биле во Белград, а хрватскиот нож во Јасеновац и понатаму неуморно ја вршел својата работа. Денот на победата 9 мај наближува, а фра Сатана и понатаму диригира со крвавиот пир, непречено и неказнето.
Кој дозволил, како што го нарекува Гидеон Граф, балканскиот Аушвиц, да работи сè до 4 мај? Како е можно бригадите на партизаните да не го нападнале Јасеновац, а сојузниците истовремено ги бомбардирале Ниш и Лесковац?
Кој дозволил тоа чудо од логор да продолжи со работата и речиси ниеден Србин да не преживее? Токму затоа групата од неколку стотици логораши од централниот усташки логор Јасеновац го собрала сиот свој очај, го претворила во храброст, во решителност и се стрчала кон слободата“, кажа Вучиќ.
Набрзо потоа, уште 167 логораши, од кои преживеале само 11, се обиделе да се пробијат кон Сава, кон животот, но и кон вечноста која им припаѓа на јунаците, кажа Вучиќ. „Останатите настрадале на бодликавите жици, во минските полиња, погодени од митралези, и тука некаде завршува приказната за Јасеновац – единствениот концентрационен логор кој никогаш не е ослободен.
Црвената армија влегла во Аушвиц, но во Јасеновац никој никогаш не влегол додека не било сè готово. Ден по пробојот на логорашите, усташите го напуштиле логорот, оставајќи зад себе урнатини и масовни гробниви.
Сè почнало летото 1941 година, кога бил формиран логорот. Политиката на Независна Држава Хрватска, која ја имитирала нацистичка Германија и нејзината идеологија, ги имитирала и нацистичките логори на смртта. И уште тогаш, колку и да е тоа неверојатно и сурово, НДХ често била посурова и погротескна од оригиналот кој го следела“, кажа Вучиќ.
Тој истакна дека „таа фабрика на смртта и ужасот цели четири години имала само една цел – да убие што повеќе Срби, евреи и Роми, да ги истреби, да им ги избрише имињата и верата и засекогаш да ги отстрани од овој свет“.
„Ние, Србите, никого не мразиме, но многу ја сакаме својата татковина. Ги сакаме сите други, но најмногу, нормално, го сакаме својот народ. Сакам на вас во Република Српска да ви кажам: тргнаа против Србија за да нема никој со Република Српска, да нема никој со нашиот народ на Косово и Метохија.
Но, отпорот во Србија е сè поголем. Готово е со нивните револуции и обидите за грабање на Србија од нејзините граѓани и нејзиниот народ“, заклучи Вучиќ.