Централниот настан ќе биде Парадата на победата на Црвениот плоштад на 9 мај наутро, на која ќе присуствуваат лидерите на пријателските земји на Русија. Церемонијата почнува во 10 часот по московско време, а потоа следува положувањето венци на Гробот на незнајниот јунак и заедничко фотографирање. На пладне во Кремљ ќе почне официјалниот прием за странските делегации.
Меѓу поважните билатерални средби на 9 мај ќе биде средбата на Путин со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Како што потврди Ушаков, тие ќе разговараат за „цел спектар билатерални прашања“, но и за политичката ситуација на Западен Балкан.
Вучиќ, како што е најавено, утре се враќа на должност по хоспитализацијата, а се очекува и да ѝ се обрати на јавноста. Неговото патување во Москва предизвика реакции на Европската комисија која порача дека „односите со Русија не можат да бидат вообичаени додека трае војната“.
Путин тој ден ќе одржи средби и со претседателот на Бразил Луиз Инасио Лула да Силва, со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, со словачкиот премиер Роберт Фицо и со узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзиоев. За време на свечениот ручек се планирани и кратки неформални разговори со останатите лидери.