Вучиќ одржа консултации со Александар Вулин од Движењето на социјалистите, Балинт Пастор од Сојузот на војводинските Унгарци (СВМ) и Усам Зукорлиќ од Партијата на правдата и довербата (СПП). Тој го почна својот говор објаснувајќи ја важноста на состаноците, оценувајќи дека „човештвото е на работ на бездната“ и дека во таква ситуација е потребно да се донесат „сериозни одлуки“.
Тој повторно ја покани опозицијата на состанокот, иако тие порачаа дека станува збор за претстава на Вучиќ и дека таквите дискусии треба да се водат во Парламентот, а не во Претседателството.
Обраќајќи ѝ се директно на телевизијата Н1, Вучиќ кажа дека во моментов бара начин да избегне кандидирање за премиерската функција. Тој изјави дека нема да се кандидира ако рејтингот покаже дека неговата партија може да ги добие изборите без него. Во спротивно, ако рејтингот покаже поинаку, тој истакна дека ќе се кандидира.
На консултациите се разговарало и за барањето на студентите и граѓаните за распишување вонредни парламентарни избори и за европскиот пат на Србија. Консултациите продолжуваат во понеделник, но засега не е познато со кого точно ќе се сретне. Се очекува разговорите да завршат во вторник, по што Вучиќ повторно ќе ѝ се обрати на јавноста.
На прашањето за евентуалната кандидатура на Владан Ѓокиќ, ректорот на Универзитетот во Белград, на чело на студентската листа, Вучиќ одговори дека можеби ќе се кандидира и тој ако Ѓокиќ е кандидат за премиер.
„Тогаш многу би сакал на кој било начин да ги соочиме аргументите, но се плашам дека ќе го избегнат тоа и дека тоа нема да се случи“, кажа Вучиќ. Тој објасни дека не може да му биде противкандидат на Ѓокиќ ако се кандидира за претседател на земјата, а не за премиер, бидејќи му истекува вториот претседателски мандат и нема право повторно да се кандидира.
„Не можам да бидам кандидат на претседателските избори. Колку што разбирам, „папата“ се кандидира за претседател на Србија. Тој самиот одреди јас сигурно да не му бидам противник. И ќе се погрижам да не бидам ниту за другите, ако е воопшто можно.
Ако морам, тогаш ќе се кандидирам (за премиер), само за да можеме да ги победиме“, кажа Вучиќ. Како заклучок, тој додаде дека не гледа „ништо лошо“ во евентуалната кандидатура на Ѓокиќ, освен што, како што кажа, ректорот „не треба да се занимава со политика“ според Уставот и законот.






