Тој додаде дека е сигурен дека тие нема да го сторат истото бидејќи се плашат дека ќе бидат избришани од списокот на потенцијални гости на одредени медиуми.
„Верувам дека во еден момент некој ќе мора да разбере дека нашата политичка сцена мора да созрее и дека оние што се вклучени во овој бизнис мора да водат политика, а не да дозволат тајкуните да водат политика наместо нив и да го одредуваат правецот“, кажа Вучиќ за Радиотелевизија Србија.
Тој кажа дека пристигнале набљудувачи од Америка и Советот на Европа и дека верува дека изборите ќе се одржат во мир, како и дека луѓето ќе донесат најдобра одлука за своите општини во недела, на 29 март, кога ќе се одржат избори на 10 места.
„Се плашам дека постојат само нечии интереси, интересите на одредени медиумски магнати кои сакаат да се занимаваат со политика, дека тие предизвикуваат немири, а не обичните граѓани“, кажа Вучиќ.
Вучиќ кажа и дека Србија ќе направи сè за да се осигура дека цените на горивата на пумпите во таа земја во петок ќе бидат на исто ниво како што беа претходната недела.
„Одлуката ќе биде донесена утре или во петок наутро, а јас ќе се потрудам, колку што можам, со моите овластувања да влијаам врз државата да направи сè што може. Разговарав за тоа и со министерот Синиша Мали и верувам дека ќе ги одржиме цените на исто ниво“, кажа српскиот претседател.
Гостувајќи на РТС, тој кажа дека очекува во наредниот месец рафинеријата на НИС во Панчево да преработува помеѓу 11.000 и 12.000 тони сурова нафта во дизел.
Тој изрази верување дека унгарската компанија МОЛ и руски Газпром њефт ќе ги завршат преговорите за преземање на рускиот сопственички удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС) до 22 мај и најави дека горивото од резервите ќе биде пуштено утре.
Вучиќ изјави дека се разгледуваат пет решенија за помош на најсиромашните пензионери во земјата и оцени дека за спроведување на овие мерки е неопходна стабилна економска основа.
„Ниедно од нив нема да биде лесно да се одбрани пред Уставниот суд, но ние работиме и ќе излеземе со тоа решение, не можете да го направите тоа ако немате економска основа, нема да биде лесно да се дојде до решение“, заклучи тој.






