„Јас сум единствениот во Европа денес кој тргува со воена муниција со Израел. Затоа моите колеги често ме критикуваат“, рече тој во интервју за Џерусалим пост.
Израелските весници на англиски јазик оценуваат дека под водство на Вучиќ, Србија ги продлабочила дипломатските и воените врски со Израел и зазела смел став против растечкиот антисемитизам во Европа.
„Како главна фигура во балканската политика, Вучиќ не се плаши да им се спротивстави на Брисел, Берлин или Вашингтон кога станува збор за суверенитетот на Србија и нејзините пријателства. Неговите зборови носат тежина на лидер кој се снаоѓал низ опасните води на пост-југословенската политика“, го опишуваат тие, фалејќи го како еден од ретките лидери во светот кој реагирал брзо и решително по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Од тој момент, одбранбените врски меѓу Белград и Ерусалим брзо се продлабочија, додава весникот. Извозот на српско оружје во Израел достигна 42,3 милиони евра во 2024 година, според заедничкиот извештај на „Балкан инсајт“ и „Хаарец“ (врз основа на царински податоци) – триесет пати повеќе во споредба со претходната година. Србија стана витална алка во синџирот на снабдување со одбранбена опрема на Израел.
Исто така, се додава дека, покрај воените врски, трговските и инвестициските врски меѓу Србија и Израел достигнаа „невидени нивоа“, означувајќи ново поглавје во билатералните односи.
Според податоците од Заводот за статистика на Србија, извозот од Србија во Израел се зголемил за 196,2 отсто само во првите два месеци од 2025 година. Во 2024 година вкупната трговска размена меѓу двете земји достигна рекордни 199,2 милиони долари, при што српскиот извоз е зголемен за 75,2 отсто, а увозот за 40,9 отсто.
Се споменува и дека Србија е една од ретките земји што му подале рака на Тел Авив во областа на спортот, обезбедувајќи им на фудбалските и кошаркарските екипи терени за да биде „домаќин“ на европските натпреварувања поради влошената безбедносна состојба во таа земја, како и бојкотот на меѓународно ниво.
За време на интервјуто тој зборуваше и за Алон Охел, момче со српско-израелско потекло, кое е заложник на Хамас во Појасот Газа, а Вучиќ наведува дека лично разговарал со арапските лидери за неговото ослободување и информации за неговата состојба.
За разлика од некои европски колеги, српскиот лидер постојано ја позиционира својата земја како безбедно и гостопримливо место за Евреите, вели авторот, кој, како што потпишува под текстот, бил гостин на српското претседателство.
„Антисемитските чувства се сè поприсутни во Европа, но ќе мораме да се справиме со тоа. Колку побрзо, толку подобро. Ова повторно ќе нè одведе до пропаст“, предупреди Вучиќ, додавајќи дека на неговиот став влијаеле и „страдањата на неговото семејство и страдањата на српскиот народ во Втората светска војна“, со акцент на усташите и Хрватска.
Текстот е заокружен со делот насловен „Израелскиот пријател на Балканот“, каде што авторот наведува дека Вучиќ е „човек кој се чувствува удобно да оди по својот пат“, и дека не се согласува целосно ниту со Брисел, ниту со Вашингтон, туку судбината на Србија ја гледа во принципиелна независност.
“Никогаш не сум криел кои се моите пријатели. Не е важно со кого разговарам. Ако некој ме праша за Биби (израелскиот премиер) или Исак (израелскиот претседател), секогаш ќе бидат истите позитивни работи. И не ми е гајле кој ме прашува. Тоа е силата на српската позиција – дека можеме да кажеме што мислиме“, рече српскиот претседател.