недела, 21 декември 2025

Вучиќ ја отвори брзата пруга Нови Сад-Суботица, возовите ќе возат до 200 км/ч (ВИДЕО)

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес без претходна најава ја отвори брзата железница Нови Сад-Суботица на железничката инфраструктура која е во центарот на вниманието на српската јавност поради уривањето на стреата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вучиќ објави дека железницата долга 108 километри ќе биде отворена за товарен сообраќај од вечерва, а за патнички сообраќај од среда, и дека патувањето со брзина до 200 км/ч ќе трае еден час и 10 минути. Изградбата на железницата, која е заеднички проект на Србија, Унгарија и Кина, започна кон крајот на 2017 година, а делницата од Белград до Нови Сад беше отворена во март 2022 година.

Се очекува Унгарија за два месеци да го заврши својот дел од брзата железница, а потоа ќе биде овозможен товарниот сообраќај од Белград до Будимпешта, а патничкиот сообраќај кон крајот на февруари или почетокот на март.

Изведувач на работите беше кинескиот конзорциум Чајна релвеј интернешнл и Чајна комуникејшнс констракшн компани – ЦРЦЦ со учество на повеќе од 200 подизведувачи и добавувачи од Србија и Европската Унија.

Новисадскиот портал 021 наведува дека немало официјални најави дека железницата ќе биде пуштена во употреба, и дека кинескиот амбасадор во Србија, српскиот министер за градежништво и транспорт, заменик-претседателот на унгарското министерство за транспорт и градежништво и „одбрани медиуми“ биле во возот со претседателот на Србија.

Оваа делница требаше да биде отворена во ноември 2023 година, потсетува медиумот, додавајќи дека по трагичниот пад на стреата на железничката станица во Нови Сад, таа беше одложена, а следеа бројни инспекции.

На 12 септември беше објавен „Записникот од инспекциската контрола на Секторот за инспекциски надзор на министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура“, во кој се наведува дека пет станици на делницата Суботица-Нови Сад се прогласени за небезбедни бидејќи се реконструирани без градежни дозволи и статички пресметки.

Поради уривањето на стреата во Нови Сад и смртта на 16 лица, започнаа чести масовни антивладини граѓански протести, на кои им се придружија и студентите кои ги блокираа факултетите.

Незадоволните граѓани, студентите и средношколците бараат казнување на одговорните во српската влада и распишување избори во Србија. Голем протестен собир во Нови Сад е најавен за 1 ноември, кога ќе се одбележи годишнината од трагедијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ