среда, 31 декември 2025

Вучиќ: Имаме проблеми со криминалци од Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово

За 2026 година имаме две цели – мир и стабилност и таа да биде најдобрата економска година во историјата на Србија, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ и најави инвестиции во армијата „во милијарди“, упорност во политиката на воена неутралност, зачувување на мирот во регионот, зголемување на платите и пензиите, нови инфраструктурни проекти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Првата цел е мир и стабилност, а втората е таа да биде најдобрата година во историјата на Србија поврзана со економијата“, кажа Вучиќ во своето годишно обраќање, кое го емитуваа во живо националните телевизии.

Осврнувајќи се на антивладините протести во текот на 2025 година, тој истакна дека е „горд“ што, и покрај бројните собири кои ги нарече „нелегални“, мирот и стабилноста се зачувани и дека сè поминало „без мртви“.

Вучиќ се пожали на „значајно влијание“ на криминални групи од Црна Гора и од териториите на Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска и други делови од поранешна Југославија, како и од регионот на Југоисточна Европа.

Тој кажа дека Србија има „најниска стапка на криминал“ во својата историја – 64.072 регистрирани кривични дела во 2025 година – „барем во последните 25 години“. Вучиќ најави дека полицијата, особено нејзините специјални единици, „ќе бидат неспоредливо подобро опремени“ и дека се очекуваат дополнителни зголемувања на платите за припадниците на полицијата и армијата.

Тој додаде дека државата, заедно со сопствената воена индустрија, купува сè за армијата и вооружување од целиот свет, споменувајќи ги Франција, Израел, Кина, Русија.

Пред два дена беа потпишани „големи договори, во милијарди евра, а не во милиони евра“, за кои, како што кажа, „кога ќе има можност“ и кога ќе се смета за „неопходно“, ќе ја информира јавноста.

„Денес можам да ви кажам дека секој, пред да помисли да ја нападне Србија многу, многу пати, а не двапати, ќе размисли за тоа. Нашата армија денес е многу, многу посилна отколку што некогаш била“, кажа Вучиќ.

Српскиот претседател се пофали со својата богата дипломатска активност – со по 34 средби со премиери и шефови на меѓународни организации и Европската Унија, 31 со министри или претседатели на парламенти, 26 телефонски разговори со шефови на држави и влади, сметајќи дека имало вкупно 188 од тие „најважни“ контакти.

Во исто време, Вучиќ оцени дека „енергетската ситуација не е лесна“ за Србија и дека „очекува лиценца за работа за Нафтената индустрија на Србија (НИС)“ од Министерството за финансии на САД и Стејт департментот, која е под санкции од октомври поради мнозинско руско сопствеништво во таа компанија.

„Верувам и се надевам во таа одлука, но не сум сигурен до крај“, рече Вучиќ, истакнувајќи дека „83 дена не стигнала ни капка нафта“ за рафинеријата во Панчево преку нафтоводот од Хрватска, и дека резервите кои тешко се собрани сега се трошат.

Најавувајќи бројни инфраструктурни проекти – вклучувајќи ја и изградбата на 936 километри автопати и експресни патишта, Вучиќ вети и дополнителни зголемувања на платите и пензиите. Пензиите, од сегашниот просек од околу 430 евра, „ќе пораснат значително повеќе од пет проценти“, додека платите од 945 во октомври треба да достигнат повеќе од 1.000 евра до крајот на годината. Вучиќ изрази верување дека Србија ќе го дочека крајот на 2027 година со просечна плата од 1.400 евра.

„Ќе ги завршам моите два мандата во мир и стабилност и во следните 50 години, ниту еден претседател нема да добие толку многу гласови во првиот круг“, оцени Вучиќ, чиј втор петгодишен претседателски мандат истекува во мај 2027 година и, според српскиот Устав, тој повеќе не може да се кандидира за таа функција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ