„Морам да им кажам на сите руски компании кои сакаат да учествуваат во инфраструктурни проекти во Србија – тие се добредојдени, вклучително и Руските железници, Росатом, се разбира, и многу други“, рече Вучиќ за време на средбата со Путин во Пекинг.
Оваа изјава доаѓа во време кога односите меѓу двете земји дополнително се интензивираат, особено во областите на енергетиката и транспортот, а сè почесто се споменува можноста Русите да градат нуклеарни централи во Србија.
Соработката меѓу Србија и Русија во областа на нуклеарната енергија веќе е најавена во неколку наврати во текот на 2025 година.
Како што беше објавено на 14 мај во весникот „Известија“, Марија Деуриќ, директорка на претставништвото на државната корпорација Росатом во Србија, на Форумот за енергетска транзиција на Западен Балкан во Белград изјави дека Росатом е подготвен да ѝ понуди на Србија цел спектар решенија – од нуклеарни централи со ниска моќност базирани на реактори RITM-200 до големи енергетски блокови од генерација 3+.
„Нашите технологии веќе ја докажаа својата сигурност и ефикасност и во Русија и на меѓународни проекти“, истакна Деуриќ преку официјалниот канал на Росатом на Телеграм.
Таа додаде дека изградбата на нова нуклеарна централа во Србија ќе создаде долгорочни услови за социо-економски просперитет на земјата и значително ќе ја зајакне нејзината енергетска независност.
Директорот на Росатом, Алексеј Лихачев изјави дека посетата на Вучиќ на Москва на 9 мај претставува почеток на нова етапа на соработка меѓу Русија и Србија во областа на развојот на нуклеарната инфраструктура, пренесе тогаш агенцијата Интерфакс.
Србија го укина деценискиот мораториум за користење на нуклеарна енергија во ноември 2024 година, а во 2025 година веќе формираше експертски комитети за проценка на изводливоста на изградбата на нуклеарна централа. Плановите вклучуваат анализа на потенцијални партнери, вклучувајќи ги Русија, Франција и Кина.






