четврток, 12 март 2026

Вучиќ и Рама ѝ нудат на ЕУ: Србија и Албанија во Шенген, но без вето

Српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама во заеднички авторски напис за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), повикаа на забрзан процес на интеграција на Србија и Албанија во Европската Унија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тие предлагаат пат кон ЕУ кој би подразбирал постепена интеграција во единствениот пазар и Шенген зоната, но без право на вето за новите членки.

Вучиќ и Рама ја опишуваат својата идеја како функционална делумна интеграција која би послужила како меѓучекор за оживување на процесот на проширување на ЕУ и зголемување на стабилноста во регионот. Нивниот предлог вклучува постепена интеграција во единствениот пазар и Шенген зоната, но без право на комесар во Европската комисија, претставник во Европскиот парламент и право на вето, кои се права кои ги уживаат полноправните членки.

Процесот на пристапување кон Европската Унија за Србија и другите земји од Западен Балкан е во стагнација со години бидејќи земјите кандидатки не постигнале доволен напредок во клучните области како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и судските реформи.

„Во нашиот дел од Европа, на Западен Балкан – регион кој е географски опкружен со ЕУ и историски поврзан со европската судбина – перспективата за членство останува најмоќниот двигател на реформите, инвестициите и помирувањето“, напишаа лидерите на Србија и Албанија.

Во своето обраќање до Европската Унија тие велат: „Крајно време е ЕУ да препознае дека Западен Балкан претставува нов фронт за инвестирање во силата на Унијата“. Тие порачаа дека земјите кандидатки сега заедно бараат „реалистичен пат“ кон полноправно членство.

Забрзаната интеграција на подготвените кандидати, тврдат тие, би можела „да ја зајакне економската и политичката позиција на ЕУ, без да ја оптовари архитектурата на донесување одлуки на Унијата“.

Србија аплицираше за членство во ЕУ уште во 2009 година, но преговорите се во застој. Освен надворешната политика на Белград, лидерите на ЕУ изразија и загриженост за слободата на медиумите, реформата на изборниот закон и состојбата на граѓанското општество.

Албанија, заедно со Црна Гора, се смета за еден од најверојатните кандидати за пристапување во ЕУ. Сепак, борбата против корупцијата останува еден од најголемите предизвици.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ