„Централниот собир е од 12 до 19 часот. Ги повикувам сите политички партии, сите движења. Ги повикувам работниците, селаните, домаќините и домаќинките… Ги повикувам нашите пензионери. Пред сè, ја повикувам младината на Србија. Ги повикувам сите луѓе кои сакаат да ја чуваат, заштитат и одбранат Србија“, порача тој во видео порака на Инстаграм.
Вучиќ најави дека за време на собирот на платото пред Домот на народното собрание ќе биде испратена заедничка порака и дека во таа прилика ќе ги претстави своите барања. „Барања кои се усогласени со уставот, барања кои се сериозни и кои ја претставуваат волјата на одговорните луѓе во нашата земја, волјата на мнозинството во Србија“, кажа тој.
Вучиќ ги критикуваше студентските блокади и нивните поддржувачи, поврзувајќи ги, како што наведе, со обидите за дестабилизација на земјата од страна на оние кои располагаат со повеќе моќ и пари од останатите.
„Терор и страв завладеаја со Србија во последните неколку месеци. Ние паднавме и дури тогаш почнавме да стануваме, но Србија не падна и никогаш не смее да падне“, порача Вучиќ.
Повик на собирот испрати и претседателката на собранието Ана Брнабиќ.
„Ги молам луѓето да дојдат, да сме сите заедно на 12 април, во сабота, на собирот „Не ја даваме Србија“, да покажеме дека нема никому да ја дадеме Србија и дека Србија ќе го победи сето ова. Дека е доста терор, дека е доста малтретирање, дека е доста изживување, дека одиме понатаму, дека Србија се враќа на себе, на мирот, стабилноста и своите победи“, кажа Брнабиќ за телевизија Пинк.
По уривањето на стреата на железничката станица во Нови Сад, во кое загинаа 16 луѓе, почна бран масовни протести низ Србија, кои во изминатите месеци ги предводат студентите со блокади, барајќи одговорност од власта и правилна работа на институциите.