„Не случајно Приштина, Загреб и Тирана формираа воен сојуз. И тие не го направија тоа поради Австрија, Унгарија или Словенија, туку поради Србија… Зошто нè принудувате да се преправаме дека сме поглупави отколку што сме? Ние не сме имбецили кои не разбираат зошто го направивте тоа“, им кажа Вучиќ на новинарите во Пекинг.
Вучиќ мисли на договорот за одбранбена соработка што Хрватска, Албанија и Косово го потпишаа во март. Во документот се наведува дека соработката е насочена кон стабилност и безбедност во Југоисточна Европа, поддршка на евроатлантскиот пат и зајакнување на сојузот на три пријателски земји кои граничат и со Србија.
Вучиќ истакна дека Србија „нема да чепка никого“, туку ја зајакнува својата армија за да го заштити својот територијален интегритет. „Ќе имаме воена парада на 20 септември, па ќе видите многу нови работи и ќе бидете изненадени… Српската армија сега е средство за одвраќање на секој агресор“, истакна тој.
Српскиот претседател очекува дека по парадата ќе биде обвинет за мавтање со оружје и заканување на политичките противници во земјата и нејзините соседи, вклучувајќи ја и Хрватска, која одржа воена парада кон крајот на јули по повод 30-годишнината од операцијата „Олуја“ со која со која се протераа сите етнички Срби од таа земја во 1995 година.
„Неодамна се одржа хрватска воена парада, организирана како почит и прослава на оние кои го протераа сопственото население во „Олуја“ само затоа што беа од различно етничко потекло. Кога ќе одржиме парада, тие ќе речат „Вучиќ повторно тропа со оружје“ и тоа во истите хрватски медиуми“, кажа тој.
Вучиќ присуствуваше во Пекинг на огромната воена парада по повод 80-те години од крајот на Втората светска војна.






