сабота, 6 декември 2025

Вучиќ: Хрватите, како наши пријатели, уште првиот ден го исклучија дотокот на нафта

„Сè уште не знам каква е американската одлука за Нафтената индустрија на Србија (НИС), но ги повикувам да донесат позитивна одлука и да ни дадат лиценца“, изјави синоќа во Мионица српскиот претседател Александар Вучиќ, додавајќи дека вчера „молел, а вечерва бара“ на Србија да ѝ се даде лиценца, бидејќи никому не му наштетила.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Вчера реков – ги молам Американците да ни го направат ова, а потоа се прашувам зошто се молев. Па си велам: се молев за мојот народ, а не за себе“, кажа Вучиќ на предизборниот собир на Српската напредна партија пред локалните избори на 30 ноември.

„Денес е 48-миот ден откако ниту една капка нафта не влезе низ цевководот од Хрватска. Хрватите, како наши пријатели, го прекинаа снабдувањето со нафта уште првиот ден, а поминаа 48 дена. Дали има ниту една бензинска пумпа каде што немаше гориво? Нема, бидејќи некој домаќински се грижеше за сè“, рече Вучиќ.

Вучиќ повтори дека Србија нема да одземе ништо од никого преку ноќ, но дава рок од 50 дена за да се најде решение за сопственоста во НИС.

„Во оваа криза покажавме што значи да се има лице. Во тешка ситуација, не ја уништивме сопствената политика, не паничивме ниту ги оштетивме пријателствата – ниту со оние што ни воведоа санкции, ниту со оние од кои можевме да одземеме имот“, кажа Вучиќ.

Нафтената индустрија на Србија (НИС) е под притисок поради меѓународните санкции воведени врз руската државна компанија Газпром њефт, која има мнозински удел во НИС.

По почетокот на конфликтот во Украина, САД и ЕУ воведоа низа мерки кои влијаат на рускиот енергетски сектор, а сите трети земји кои соработуваат со руски државни компании мора да добијат посебни лиценци за да продолжат со увоз и преработка на енергетски производи.

Без американска лиценца Србија би можела да се соочи со ограничувања во снабдувањето со сурова нафта, што директно би влијаело на функционирањето на НИС и на домашниот пазар на горива.

Дополнителна компликација создава одлуката на Хрватска, која на почетокот на октомври го запре протокот на нафта преку нафтоводот на Јанаф, наведувајќи го почитувањето на европските санкции против руските енергетски компании.

Ова ја остави Србија без својот клучен пат за снабдување, поради што се потпира на алтернативни и поскапи патишта и политички притисок кон Вашингтон за да добие изземање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ