Фон Бекерат денес му го предаде на српскиот претседател Александар Вучиќ најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за пристапување кон Унијата, а на заедничката прес-конференција истакна дека Србија „продолжува да го декларира членството во ЕУ како стратегиска цел и ЕУ го сфаќа тоа сериозно“.
„Сега е времето да се поткрепи тоа со конкретни акции. Властите во Србија мора јасно да го изразат тој стратегиски избор и да избегнуваат антиевропска реторика. Европската унија очекува попроактивен и пообјективен начин на комуникација за процесот на пристапување кон ЕУ. Иднината на Србија е во ЕУ и ова треба јасно да се покаже, не само со зборови, туку и со акции“, кажа шефот на мисијата на ЕУ во Белград.
Србија ги почна преговорите за пристапување кон Унијата во 2014 година, а во изминатите 11 години преговори отвори само 22 поглавја, од кои две се затворени. Во последните речиси четири години Србија не постигна никаков напредок во преговорите, последниот кластер беше отворен во декември 2021 година. Србија е единствената од земјите-кандидатки која не е усогласена со надворешната и безбедносна политика на ЕУ во однос на санкциите против Русија.
Фон Бекерат денес изјави дека се очекува Србија да ја надмине стагнацијата во областите на судството, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и итно да го сврти падот на слободата на изразување и ерозијата на академската слобода. Тој истакна дека сето ова подразбира поголема усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ.
„Заклучокот е дека Србија мора да ги надмине поделбите, да ја обнови довербата меѓу политичките и граѓанските актери, мора да видиме конкретен, опиплив напредок во владеењето на правото, изборната рамка и слободата на медиумите“, кажа Фон Бекерат, оценувајќи дека „овие реформи не се лесни, но се неопходни и вредат за секој напор“.
Тој ја истакна подготвеноста на ЕУ да продолжи да ѝ дава поддршка на Србија во демократските и институционалните реформи. „Но, сопственик на тој процес е Србија и за тоа ќе се одлучи тука“, истакна Фон Бекерат. Српскиот претседател Вучиќ повтори дека членството во ЕУ останува стратегиска цел на Србија.
„Вие во ЕУ не мора да се грижите, мојот мандат наскоро ќе заврши, па ќе дојде некој пошармантен. Нашиот стратегиски пат е европскиот пат, до изборите. Не знам каде на друго место би оделе. Ние сме во потешка позиција од другите“, истакна Вучиќ. Додаде дека ќе „даде сè од себе“ во однос на реформите.
„Ќе го земеме предвид извештајот (на Европската комисија) на многу сериозен начин, ќе видиме што можеме да исправиме“, рече Вучиќ. На прашањето дали, по три и пол години, постои можност за промена на политиката во однос на санкциите против Русија, Вучиќ посочи на одлуките на Советот за национална безбедност, донесени на почетокот на војната во Украина.
„И во Советот за национална безбедност и во владата на Србија, луѓето можат да ја променат таа одлука. Владата има овластување да ја промени таа одлука“, кажа Вучиќ.
Коментирајќи ги проблемите предизвикани од санкциите на САД врз Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска сопственост на Русија, Вучиќ кажа дека е „помалку песимист отколку што беше“ и се надева дека „ситуацијата во врска со НИС ќе биде решена, добро и поволно за Србија“.






