Тоа потенцијално загрозува една од клучните точки на неговата политичка програма и претставува досега најголемиот правен тест од неговиот втор претседателски мандат, за време на кој тој презема постапки без преседан.
Администрацијата на републиканскиот претседател Трамп се обидува да ги одбрани царините кои се централен дел од економската политика на Трамп пред Врховниот суд. Пониските судови веќе утврдија дека Законот за вонредни овластувања на кој Трамп се повикува не му дава речиси неограничена моќ да воведува и менува царини за увезената стока.
Уставот на Соединетите Американски Држави вели дека Конгресот има право да одредува царини, но администрацијата на Трамп тврди дека во вонредни ситуации претседателот има право самиот да го регулира увозот – а тоа ги вклучува и царините.
На рочиштето, судијката Ејми Кони Барет, која се смета за конзервативка, постави незгодно прашање до претставниците на федералната влада: „Дали некогаш имало друг случај во кој некој правен акт користел таква формулација за да даде таква овластување?“
Судијата Нил Горсач, исто конзервативец, ги праша претставниците на владата дали ставот на Трамп значи дека премногу овластувања од Конгресот се пренесуваат на претседателот.
„Дали уставното доверување на даночните овластувања на Конгресот – моќта да копа по џебовите на американскиот народ – е нешто различно (од ова со царините)?“ праша Горсач, додавајќи: „Дали некогаш било поинаку откако е основана оваа земја?“
Трамп верува дека случајот кој дојде пред Врховниот суд е најважниот во историјата на САД и тврди дека пресудата против него би била катастрофална за економијата.
Оние кои го оспоруваат неговиот правен аргумент велат дека законот од 1977 година кој ги регулира вонредните овластувања на кои се повикува Трамп дури и не ги споменува царините и дека ниту еден друг претседател пред него не го користел тој закон за да ги воведе.
Група мали претприемачи истакнуваат дека царините ги туркаат нивните бизниси кон банкрот.
Случајот изнесен пред Врховниот суд се однесува на два царински пакети. Едниот е од февруари, насочен кон производи од Канада, Кина и Мексико. Го воведе Трамп откако воведе вонредна состојба во земјата поради шверцот со дрога. Вториот пакет ги содржи „реципрочните тарифи“ кои Трамп ги објави во април за огромен број земји во светот.
Следеа низа тужби против администрацијата на Трамп, од држави со опозициски демократски администрации и од мали бизниси за наметнувањето тарифи за сè, од водоводна опрема до производи за женска хигиена.
Пониските судови поништија многу од царинските наредби на Трамп поради нелегално користење на вонредните овластувања. Врховниот суд на САД, од друга страна, би можел да го гледа целото прашање поинаку.
Трамп во својот прв претседателски мандат (2017-2021) придонесе за создавањето на сегашното конзервативно мнозинство во Врховниот суд, бидејќи некои судии починаа, а некои се пензионираа.
Новиот состав на Врховниот суд, со шест конзервативни и тројца либерални судии, му даде на Трамп низа важни победи во ситуации каде што беше предвидено судот да дејствува итно. Но, малку од најшироките конзервативни политики на Трамп беа тестирани пред највисокиот суд на САД.
Врховниот суд беше скептичен во однос на начинот на кој поранешниот претседател, демократот Џозеф Бајден, ги користеше своите извршни овластувања и поништи некои од неговите наредби, како што е онаа за отпишување на студентски кредити во вкупен износ од 400 милијарди долари.
Критичарите на Трамп велат дека на Трамп мора да му се даде ист третман – особено затоа што неговите политики имаат многу поголемо економско влијание од оние на Бајден.






