Судии ја поништија судската наредба со која се бараше владата да им даде можност на имигрантите да изразат страв од тортура или прогон во земјата која им е одредена, додека трае судската постапка. Судијата на окружниот суд во Бостон, Брајан Мерфи, ја издаде наредбата на 18 април.
Тројца либерални судии беа против, а судијката Соња Сотомајор ја критикуваше одлуката на мнозинството, нарекувајќи ја „груба злоупотреба“ на дискреционото право на судот.
Откако Министерството за внатрешна безбедност започна со забрзување на депортациите во трети земји во февруари, групите за права на имигрантите поднесоа колективна тужба во име на група мигранти заради спречување на нивно преселување без претходна најава и утврдување на ризиците за нив.
На 21 мај, Мерфи откри дека властите ја прекршиле неговата одлука со тоа што наредиле процедури за испраќање групи мигранти во политички нестабилниот Јужен Судан, каде според американскиот Стејт департмент не треба да се патува „поради криминал, киднапирања и вооружен конфликт“.
Ројтерс исто така објави дека официјалните лица размислувале да ги испраќаат мигрантите во Либија, друга политички нестабилна земја, и покрај тоа што американските власти претходно ја осудија Либија за нејзиниот суров третман кон притворените лица.
Белата куќа веќе ги нападна судиите кои презедоа мерки против политиките на Трамп што ги сметаат за нелегални, а во соопштение Мерфи го нарекува „судија активист на крајната левица“.
Судијата Мерфи рече дека Врховниот суд, Конгресот, „здравиот разум“ и „основната пристојност“ бараат на мигрантите да им се обезбеди правична постапка.
Администрацијата му кажа на Врховниот суд дека нејзината политика кон трети земји веќе е во согласност со правичната постапка и е од суштинско значење за отстранување на мигрантите кои извршиле кривични дела затоа што нивните земји на потекло честопати не се подготвени да ги примат назад.
Во итен поднесок до Врховниот суд на 27 мај, властите рекоа дека сите мигранти кои се упатуваат кон Јужен Судан извршиле „грозоморни злосторства“ во Соединетите Држави, вклучувајќи убиство, подметнување пожар и вооружен грабеж.
Спорот е најновиот во низата правни предизвици на политиките на Трамп што стигнаа до највисокиот суд во земјата откако претседателот се врати на функцијата во јануари.