Ова движење претходно беше прогласено за „екстремистичко“. Потегот предизвикува стравувања од дополнително засилена репресија кон неговите поддржувачи, пишува агенцијата Франс прес.
Фондацијата за борба против корупцијата се смета за „терористичка организација“, соопшти Врховниот суд, додавајќи дека се забрануваат сите нејзини активности, како и активностите на нејзините структурни разграноци на територијата на Русија.
Според судот, Фондацијата против корупцијата била формирана во САД врз основа на Фондацијата за борба против корупцијата (ФБК) и други организации поврзани со Алексеј Навални во Русија, по нивната забрана.
Судот ја обвинува организацијата дека спроведува „деструктивни активности на руската територија“, дека „промовира, оправдува и поддржува тероризам“ и дека „организира, подготвува и извршува злосторства од екстремистичка и терористичка природа“.
„Терористи се Владимир Путин и неговите помошници, тие што ја започнаа војната (во Украина), кои убиваат цивили и политички противници, кои апсат луѓе“, реагираше тимот на Навални на Телеграм.
Тие ги обвинија руските власти дека се обидуваат да ги „застрашат“ поддржувачите на покојниот опозиционер за да престанат да ги следат и да ги ширaт истрагите на организацијата.
Организацијата откри многу случаи на корупција во рамките на руската елита и ја објави истрагата за палатата што наводно му припаѓа на Владимир Путин.
„Продолжуваме да работиме. Истражуваме, ја кажуваме вистината, им помагаме на политичките затвореници“, додаде тимот на Навални.
Активистот за борба против корупцијата и противник на Владимир Путин, Алексеј Навални, почина во февруари 2024 година под неразјаснети околности во затвор на Арктикот.
Руските власти жестоко го задушија движењето на Навални, па речиси сите негови соработници се или во затвор или принудени на егзил.
Според невладината организација Амнести интернешнел, мерката на Врховниот суд има цел да го „распарчи наследството на Навални“ и да го задуши секој што останал близок до дисидентот во Русија.
Одлуката го изложува на кривично гонење секого што е поврзан со ФБК или со Алексеј Навални, со закана од најстроги казни, кои можат да достигнат и доживотен затвор, наведува Амнести интернешнел.






