петок, 20 февруари 2026

Врховниот суд ги урна царините на Трамп

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави ги поништи сеопфатните царини на претседателот Доналд Трамп, кои тој ги наметна на земјите ширум светот, повикувајќи се на закон наменет да се користи во национални вонредни состојби.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е болен пораз за републиканскиот претседател, а пресудното мислење, објавено денес, ќе има големи последици за глобалната економија, пишува Ројтерс.

Судиите, во одлука со шест наспроти три гласови, напишана од конзервативниот главен судија Џон Робертс, ја потврдија одлуката на понискиот суд дека Трамп ги пречекорил своите овластувања со примена на законот од 1977 година. Судот заклучи дека предметниот закон – Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (ИЕЕПА) – не му го дава на Трамп овластувањето за кое тврди дека го има за да воведува царини.

„Нашата задача денес е да одлучиме само дали овластувањето за „регулирање на увозот“, како што му е дадено на претседателот во ИЕЕПА, вклучува и овластување за воведување царини. Не вклучува“, напиша Робертс во одлуката, цитирајќи го текстот на законот што Трамп го повика за да ги оправда своите сеопфатни царини.

Белата куќа не коментираше веднаш за пресудата. Демократите и разни индустриски групи ја поздравија одлуката. Многу бизнис организации изразија загриженост дека одлуката ќе доведе до месеци дополнителна неизвесност, бидејќи администрацијата се обидува да воведе нови тарифи со повикување на други законски овластувања.

Пресудата ги испрати американските берзански индекси – долго време потресени од непредвидливите потези на Трамп за тарифите – на највисоко ниво за повеќе од две недели, и го ослабна доларот. Приносите на државните обврзници малку се зголемија.

Судијата Брет Кавана, пишувајќи издвоено мислење на кое се придружија и конзервативците Кларенс Томас и Самуел Алито, кажа дека пресудата не мора нужно да го спречи Трамп „да ги наметне повеќето, ако не и сите, од истите овие видови тарифи според други законски овластувања“, додавајќи дека „малку е веројатно дека одлуката на судот значително ќе го ограничи овластувањето на претседателот за тарифите во иднина“.

Дел од мнозинството во Врховниот суд, исто така, оцени дека таквото толкување би ги загрозило овластувањата на Конгресот и би го прекршило правниот принцип познат како доктрина за „главните прашања“.

Таа конзервативна доктрина бара активностите на извршната власт од „огромно економско и политичко значење“ да бидат јасно овластени од Конгресот. Судот, исто така, ја искористи таа доктрина за да спречи одредени клучни извршни потези на поранешниот демократски претседател Џо Бајден.

Робертс, повикувајќи се на претходна одлука на Врховниот суд, напиша дека претседателот мора „да посочи на јасна конгресна надлежност“ за да оправда вонредно барање за овластување за наметнување тарифи, додавајќи: „Не може“.

Робертс изјави дека доколку Конгресот имал намера ИЕЕПА да му даде на претседателот „специјална и исклучителна надлежност за наметнување тарифи, тоа би го сторил експлицитно – како што постојано го прави во други царински закони“.

Трамп ги користи тарифите – даноците на увезената стока – како клучна алатка на економската и надворешнополитичката стратегија. Тие беа во центарот на глобалната трговска војна која Трамп ја почна откако го почна својот втор мандат, која ги отуѓи трговските партнери, влијаеше на финансиските пазари и предизвика глобална економска неизвесност.

Врховниот суд дојде до овој заклучок во тужба поднесена од компании погодени од тарифите и 12 американски држави, претежно предводени од демократите, оспорувајќи ја невидената употреба на законот од страна на Трамп за еднострано наметнување увозни даноци.

На Робертс во мнозинство му се придружија конзервативните судии Нил Горшу и Ејми Кони Барет, кои беа назначени од Трамп за време на неговиот прв мандат, како и три либерални судии – Соња Сотомајор, Елена Каган и Кетања Браун Џексон.

Врховниот суд, каде што конзервативците имаат мнозинство од 6-3, претходно го поддржа Трамп во низа други итни одлуки откако се врати на претседателската функција во јануари 2025 година, откако пониските судови ги оспорија неговите политики.

Се предвидуваше дека царините на Трамп ќе донесат повеќе трилиони долари приходи во Соединетите Држави, земјата со најголема економија во светот, во текот на следната деценија.

Администрацијата на Трамп не објави податоци за наплатата на царини од 14 декември. Сепак, економистите од моделот за буџет на Пен-Вартон денес проценија дека износот собран од царините на Трамп базирани на IEEPA надмина 175 милијарди долари. Тој износ, по пресудата на Врховниот суд против тарифите засновани на ИЕЕПА, веројатно ќе треба да се врати.

Уставот на САД му дава на Конгресот, а не на претседателот, овластување да наметнува даноци и тарифи. Трамп, сепак, се повикуваше со законско овластување на ИЕЕПА за да наметне тарифи на речиси сите трговски партнери на САД без одобрение од Конгресот. Трамп, исто така, воведе некои дополнителни тарифи засновани на други закони, кои не се предмет на овој спор. Според владини податоци од октомври до средината на декември, тие царини сочинуваат околу една третина од приходите од царините што ги воведе Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ