четврток, 12 март 2026

Врховниот лидер на Иран ја објави првата порака по именувањето

Ајатолахот Моџтаба Хамнеи ја објави својата прва порака откако стана нов врховен лидер. Тој не е виден во јавноста од неговото именување.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Првата порака од ајатолахот Моџтаба Хамнеи откако во неделата стана нов врховен лидер на Иран се чита на иранската државна телевизија.

Моџтаба Хамнеи не се појавил во јавноста во деновите по објавувањето на неговото именување на највисоката државна функција. Извор запознаен со ситуацијата рекол за Си-ен-ен дека врховниот лидер претрпел скршеница на стапалото и други полесни повреди на првиот ден од бомбардирањето од САД и Израел.

Иранскиот амбасадор во Кипар, Алиреза Саларијан, во средата за весникот Гардијан изјави дека Хамнеи бил повреден во истиот воздушен напад во кој бил убиен неговиот татко, покојниот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи, заедно со уште петмина членови на семејството.

Нова снимка објавена на официјалниот телеграм-канал на новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, го открива неговиот ракопис, јавуваат иранските државни медиуми.

Снимката прикажува список со имињата на врховните лидери на Иран: Моџтаба Хамнеи, како и неговиот татко Али Хамнеи и неговиот претходник и првиот човек што ја извршувал таа функција, Рухолах Хомеини.

Под списокот стои кратката порака: „Во името на Бог, Највозвишениот, Сомилосниот.“

Оваа фраза означува нови почетоци: меѓу другото, таа се користи на почетокот на повеќето поглавја во Куранот.

„Драги борбени браќа, барањето на народните маси е продолжување на ефикасна одбрана што ќе му предизвика каење на непријателот“, рече Хамнеи.

„Лостот на затворањето на Ормускиот теснец мора секако и натаму да се користи. Исто така се спроведени студии за отворање други фронтови на кои непријателот има малку искуство и би бил многу ранлив. Нивното активирање ќе се случи, ако воената состојба продолжи и во согласност со проценките на целисходноста“, рече Хамнеи.

„Нашата искрена благодарност им припаѓа на нашите храбри борци што, во време кога нашата нација и нашата сакана татковина неправедно беа нападнати од водачите на фронтот на ароганцијата, со своите силни удари му го блокираа патот на непријателот и ја распрснаа неговата илузија дека може да ја покори нашата сакана земја или можеби да ја подели“, порача Хамнеи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ