вторник, 6 мај 2025

Вредноста на Тесла многу падна, Маск ќе му посветува помалку време на Министерството

Извршниот директор на Тесла и близок советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, рече дека почнувајќи од мај ќе му посветува многу помалку време на водењето на Министерството за владина ефикасност (ДОЏ), кое Трамп го основа за да ги намали федералните трошоци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Веројатно почнувајќи од следниот месец, почнувајќи од мај, времето што ќе му го посветувам на ДОЏ ќе биде значително намалено“, рече Маск на конференцијата посветена на резултатите од првиот квартал на Тесла.

Тој додаде дека од мај ќе ѝ посветува многу повеќе време на Тесла, тврдејќи дека „клучната работа“ на министерството „во голема мера е завршена“.

Тесла вчера објави полоши од очекуваните резултати за првиот квартал, значително под влијание на соработката на Маск со администрацијата на Трамп.

Продажбата на Тесла низ светот нагло падна подоле од очекуваното во првиот квартал, со само 336.681 испорачано возило во април, што е пад од 13 отсто на годишно ниво.

„Како што е познато, времето што го поминував во владата го направи своето“, рече Маск. „Работата што ја работиме таму е навистина многу важна за контролирање на дефицитот што ја влече нашата земја, Соединетите Американски Држави, кон уништување“, тврди тој.

Тој додаде дека ДОЏ постигнал голем напредок во елиминирањето на расипноста и измамите и ги обвини „оние што ги добиваат тие пари“ дека се причина за одмаздата против Тесла и нападите врз него и врз луѓето поврзани со него.

Според финансискиот директор Ваибхав Танеја, неоправданото непријателство кон Тесла и нејзините вработени „имало влијание на некои пазари“. И покрај тоа, додаде тој, „успеавме да ги продадеме сите залихи на стари модели во САД, Кина и на неколку други пазари низ светот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ