четврток, 15 јануари 2026

Возачи на камиони од Србија, БиХ и Црна Гора најавија блокада на границите поради новиот систем на ЕУ

Бизнис здружението „Меѓународен транспорт“ од Белград објави дека на 26 јануари, заедно со колегите од Босна и Херцеговина и Црна Гора, ќе го блокираат сообраќајот преку граничните премини со околните земји од Шенген, поради проблемите предизвикани од новиот систем за влез и излез од земјите од Европската Унија (ЕЕС).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Протестот на транспортерите, како што наведоа, ќе се одржи поради несоодветната реакција на Европската комисија и земјите од Шенген зоната во врска со третманот на српските професионални возачи и ограничувањето на нивниот престој на територијата на тие земји за време на нивните секојдневни работни активности.

Претставници на Бизнис здружението „Меѓународен транспорт“ Белград, Конзорциумот „Логистика на Босна и Херцеговина“ и Здружението на меѓународни превозници на товар на Црна Гора ќе одржат прес-конференција утре во Белград, каде што ќе презентираат повеќе детали.

На конференцијата, како што наведоа, ќе биде презентирана одлуката дека на 26 јануари 2026 година ќе започне протестот на транспортерите на граничните премини со соседните земји од Шенген зоната, чија цел е да се посочат долгорочните последици кои ќе почнат да ги трпат економиите на тие земји и населението од 10 април, кога се очекува на српските/босанските/црногорските возачи да им биде забранет влез во земјите од Шенген зоната поради пречекорување на дозволениот број денови.

„Забележуваме дека протестот нема никаква политичка конотација, туку е единствено насочен кон подигање на свеста кај властите во Европската комисија и европската администрација воопшто, земјите од Шенген зоната, но и кај клиентите на транспортот, дека професионалните возачи не се нелегални мигранти, терористи и нелегални работници, и дека нивното апсење, депортација и ограничување на работата е директен удар врз транспортната економија и економијата како целина, која се потпира на домашните транспортни капацитети“, се наведува во соопштението.

Според нивната проценка, ова ги крши принципите на правото на работа и нормален живот за превозниците и возачите.

„Доколку нема промена во однос на професионалните возачи и транспортните компании, се очекува синџирите на снабдување од и до нашата земја со возила за патен товар да се прекинат кон средината на април, бидејќи нашите превозници повеќе нема да имаат достапни возачи“, се додава во соопштението.

Целта на конференцијата, како што наведоа, е да ја информира јавноста за следните чекори на транспортната индустрија, да иницира дијалог со надлежните институции на Европа и да поттикне јасен пристап кон решавање на проблемот што ја обезбедува безбедноста на работењето на транспортерот и безбедноста на работата на возачот при вршење транспорт низ земјите од Шенген зоната, без страв од апсење, депортација и дополнително одбивање на влез на Шенген територијата, бидејќи само ја вршеле својата редовна работа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ