Дури и пред операцијата против Иран, производствените тесни грла во системот на „патриот“ ги испразнија украинските резерви и ги ставија европските сојузници на повеќегодишни листи на чекање. Поради ова Русија повремено правеше дупки во украинската воздушна одбрана, ја погодуваше енергетската инфраструктура и предизвикуваше прекини на електричната енергија во градовите.
Соединетите Американски Држави и земјите од Персискиот залив испукаа стотици пресретнувачи во првите денови од војната за да ги одвратат нападите со ирански балистички ракети и беспилотни летала. Аналитичарите проценуваат дека земјите од Персискиот залив, во случај на континуирани напади, имаат залихи за само неколку дена.
Тоа би можело да го принуди Вашингтон да ги повлече пресретнувачите од залихите наменети за Индо-пацифичкиот регион и други региони, ослабувајќи го присуството на САД на други места.
Иран истрела повеќе од 500 балистички ракети и 2.000 беспилотни летала од почетокот на операцијата, изјави во средата претседателот на Здружениот штаб на американските вооружени сили, генералот Ден Кејн. Тој додаде дека САД имаат доволно муниција за операцијата против Иран.
Вкупното производство на најнапредниот пресретнувач ПАЦ-3 во САД од страна на Локид Мартин за 2025 година беше нешто над 600 ракети. Обично се потребни најмалку два пресретнувачи за да се собори една балистичка ракета, а честопати се испукува трета, или повеќе, ако првиот обид не успее.
Секој пресретнувач се произведува со месеци, а деловите доаѓаат од сите делови на САД и од странство, вклучително и од Шпанија.
„За нас, тоа е прашање на живот или смрт“, кажа украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во понеделникот тој рече дека контактирал со европските партнери кои ја финансираат воената помош за Украина за да види дали конфликтот со Иран дополнително ќе ги ограничи испораките.
Најголемата закана за Украина се руските напади со балистички ракети, а единственото ефикасно решение е системот „патриот“, смета полковник Павло Јелизаров од украинските воздухопловни сили. Според проценките на украинските и западните разузнавачки служби, Русија сега може да произведува околу 80 балистички ракети месечно.
Украина проценува дека ѝ се потребни најмалку 60 пресретнувачи ПАЦ-3 месечно за да ги следи руските напади. Во февруари, германскиот министер за одбрана Борис Писториус ги повика европските членки на НАТО да донираат ракети, по апелот на украинскиот министер Михаил Федоров. Досега, дефинитивно се ветени само пет ракети, и тоа од Германија.
Недостигот од пресретнувачи би можел да ги загрози мировните преговори, бидејќи западните безбедносни гаранции за Украина вклучуваат зајакнување на противвоздушната одбрана, предупредуваат европските и украинските преговарачи. Русија лансира стотици дронови од типот „шахед“ секој ден, кои масовно ги произведува по договорот за трансфер на технологија со Техеран од 2023 година.
Трамп на социјалната мрежа Трут соушал го обвини поранешниот американски претседател Џо Бајден за обемните испораки на напредна муниција во Украина и го спореди Зеленски со циркускиот промоторот П. Т. Барнум. Службениците за разузнавање и одбрана велат дека Кина, Русија и Иран внимателно ги следат трошоците за пресретнувачи, а нивните доктрини сè повеќе се потпираат на масовното производство на евтини дронови и балистички ракети за да ги исцрпат западните залихи.
И покрај големата побарувачка, производството порасна само скромно. Рајтеон го произведува системот „патриот“, а Локид Мартин пресретнувачите, со годишно производство од околу 600 ракети. Компанијата најавува раст до 2.000 пресретнувачи годишно до крајот на 2030 година.
„Тековните стапки на производство, заедно со неодамнешните трошоци, не изгледаат добро за растечките потреби на Украина“, вели Мајкл Кофман од Фондацијата Карнеги. Во 2024 година, Германија нарача осум нови системи „патриот“ по цена од околу 2 милијарди евра по систем, но сè уште не добила приближен датум на испорака.
Берлин веќе префрли поголеми дел од оперативните системи во Украина и на источното крило од НАТО, па самата Германија е чувствително слабо заштитена, признаваат официјалните лица. За да ги ублажи недостатоците, Германија ја охрабри МБДА да воспостави заедничко производство на пресретнувачи „патриот“ со Рајтеон во Баварија.
Земјите од НАТО нарачале 1.000 ракети, а испораките треба да започнат на почетокот на следната година, изјави портпаролот на МБДА Гинтер Абел. Поранешниот функционер на германското Министерство за одбрана Нико Ланге вели дека САД и Европа направиле грешка што не го прошириле производството на воздушна одбрана порано. „Сега сме ранливи и сите го знаат тоа“, кажа тој.






