сабота, 10 јануари 2026

Волстрит џурнал: Американските сили запленија уште еден танкер

Американските сили го запленија петтиот нафтен танкер поврзан со Венецуела, пренесе денес американскиот весник Волстрит џурнал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американската крајбрежна стража го заплени танкерот рано утрово и продолжи да следи други бродови што се обидуваат да ја избегнат американската блокада на санкционираните танкери што пловат кон Венецуела или од неа.

Повикyвајќи се на неименувани американски официјални лица, весникот пренесува дека е запленет танкерот Олина, порано Минерва М, кој веќе е под санкции од САД поради транспорт на руска нафта.

Заплената може да доведе до ново, уште поголемо влошување на односите меѓу Вашингтон и Москва, само неколку дена откако САД запленија брод што побарал заштита од Русија.

Русија во четвртокот остро ја осуди американската заплена на нејзиниот танкер, најавувајќи заладување на односите со Вашингтон, кое би можело да се прошири и на други области и да влијае врз напорите на претседателот Доналд Трамп да ја убеди Русија да ја заврши својата речиси четиригодишна војна во Украина.

Заплената на танкерот под руско знаме во средата во Северен Атлантик „може да доведе само до понатамошна ескалација на воените и политичките тензии во евроатлантскиот регион, како и до видливо намалување на прагот за употреба на сила против мирното бродарство“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Рускиот претседател Владимир Путин сѐ уште не ја коментирал заплената на танкерот, ниту пак американското заробување на лидерот на Венецуела, Николас Мадуро, што неговите дипломати го осудија како очигледен чин на агресија.

Асошиејтед прес пренесе дека коментатори – „јастреби“ во Москва ја критикувале владата поради тоа што не реагирала брзо на заплената на бродот и тврделе дека Русија треба да ги распореди своите поморски сили за да ги заштити бродовите на „тајната флота“ за пробивање на санкциите врз рускиот извоз на нафта.

Покрај острата реторика, пишува Асошиетед прес, Русија има малку опции кога размислува како да одговори на заплената, според зборовите на Даниел Фрид, поранешен помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања за време на администрациите на претседателите Џорџ В. Буш и Барак Обама.

„Русите имаат тенденција да викаат кога им е непријатно, а во овој случај им беше непријатно затоа што руската моќ не е она што Владимир Путин го претставува“, рече Фрид. „Тие не можеа ништо да направат во врска со тој брод“, смета тој.

Европската команда на САД соопшти дека трговскиот брод Бела 1 бил запленет во средата поради „кршење на американските санкции“. Кога САД минатиот месец почнале да го следат тој танкер, откако се обидел да ја избегне блокадата на санкционираните нафтени бродови околу Венецуела, тој бил преименуван во Маринера и е под руско знаме.

Администрацијата на Трамп воведе нафтено ембарго кон Венецуела, а Министерството за енергетика соопшти дека нафтата во и од Венецуела ќе се транспортира преку „одобрени канали во согласност со американскиот закон и интересите на националната безбедност“.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека обидот на САД да ја претстават заплената на танкерите како дел од поширок напор за воспоставување контрола врз нафтеното богатство на Венецуела е „целосно циничен“ одраз на „неоколонијални амбиции“.

Министерството го опиша тоа како „грубо кршење“ на меѓународното поморско право и инсистираше дека бродот имал дозвола за пловење под руско знаме, издадена во декември. Наведе дека заканите на САД дека ќе го гонат екипажот „под апсурдни изговори“ се „категорично неприфатливи“.

Беше наведено и дека санкциите што еднострано ги воведоа САД и други западни земји против Русија се „нелегитимни“ и дека не можат да послужат како оправдување за заплена на бродови на отворено море.

„Подготвеноста на Вашингтон да предизвикува акутни меѓународни кризни ситуации, вклучително и оние поврзани со веќе исклучително затегнатите руско-американски односи, оптоварени со несогласувања од претходните години, е причина за жалење и загриженост“, соопшти руското министерство.

Белата куќа во четвртокот одби да го коментира тоа руско соопштение.

Заплената на танкерите предизвика гневни коментари од руски воени блогери, од кои некои предложија распоредување војници на бродовите од „тајната флота“ за да се спречат заплени.

Александар Коц, воен дописник на таблоидот Комсомолскаја правда, тврдеше дека неуспехот на Кремљ силно да одговори на заплената на танкерите може да ги охрабри САД и другите западни земји да запленат уште руски бродови.

„Соочени со насилник што се чувствува семоќен, мораме да му удриме шлаканица“, напиша Коц.

Фрид рече дека Русија има малку кредибилитет кога се жали на меѓународното право, имајќи ја предвид нејзината инвазија на Украина. Руското барање за ослободување на бродот е исто така слабо, забележа тој, со оглед на тоа што кон крајот на минатиот месец на тој брод му била дадена само привремена дозвола да плови под руско знаме.

„Ако за ова зборувате правно, тоа е комплицирано прашање. Ако за ова зборувате стратегиски, Русите се многу преоптоварени и ранливи“, изјави Фрид за вашингтонскиот институт Атлантски совет. „Тие се држат до војната во Украина, која не ја добиваат… нивната економија трпи штета“, додаде тој.

Тој рече дека е можно Москва да реагира на заплената на танкерите со планирање напади врз „интересите на САД“, но дека Путин можеби не сака да ризикува да влезе во непријателски односи со Трамп, и посочи дека „Путин постигнувал повеќе со Трамп кога му ласкал“.

Додека тензиите околу заплената на бродот се засилуваа, сенаторот Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина, во средата изјави дека Трамп одобрил нов закон за санкции против Русија, чија цел е „економско осакатување на Москва“, а кој се разработува со месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ