Овие приходи покажуваат дека во текот на март Русија заработила дополнителни 672 милиони евра од продажба на нафта, гас и јаглен, бидејќи просечните дневни цени заедно се зголемиле за 14 проценти во споредба со февруари.
Огромен дел од тоа зголемување, околу 625 милиони евра, се чини дека дошол од трговијата со нафта, покажуваат податоците на КРЕА.
Податоците беа објавени откако американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот навести дека може да ги ублажи санкциите на Соединетите Американски Држави врз руската нафта како одговор на наглиот пораст на глобалните цени по почетокот на конфликтот – кој почна на 28 февруари со нападите на САД и Израел врз Иран.
Објавувањето на податоците на КРЕА се совпадна со предупредувањето од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) дека војната го намалила производството на нафта и гас во Заливот за најмалку 10 милиони барели дневно, создавајќи „најголемо нарушување на снабдувањето во историјата на глобалниот пазар на нафта“.
Приходите на Русија од извозот на енергија се сметаат за клучен дел од нејзиниот државен буџет за финансирање на воените трошоци, вклучително и војната во Украина, потсетува британскиот весник.
Александар Кирк, активист за санкции во невладината организација Ургевалд, кажа: „Кога пазарите паничат, авторитарните извозници заработуваат пари. За помалку од две недели Русија заработи околу 6 милијарди евра од извоз на фосилни горива, пари што на крајот ја напојуваат воената машина на Кремљ“.
Олеснувањето на санкциите сега нема да ги стабилизира пазарите. Тоа би ѝ овозможило на Русија да ја продава истата нафта по многу повисока цена. Санкциите на САД ја принудија руската сирова нафта да се продава со голем попуст. Укинувањето на санкциите преку ноќ би го затворило тој јаз и би му донело на Кремљ милијарди дополнителни приходи, токму кога притисокот почнува да дава резултати.
Податоците на КРА објавени пред почетокот на војната против Иран покажаа дека парите кои Русија ги заработува од извозот на нафта и гас се намалиле во текот на претходните 12 месеци, дури и кога обемот на рускиот извоз на нафта се зголемил.
ИЕА соопшти и дека приходите на Русија од сирова нафта и рафинирани нафтени производи се намалиле во месецот пред почетокот на војната со Иран, достигнувајќи го најниското ниво од почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Падот во февруари е последица на намалувањето на извозот кон Индија, која Вашингтон ја принуди да престане да соработува со Русија, како и последица на нападот во јануари врз нафтоводот Дружба кој ги снабдува Унгарија и Словачка со нафта преку Украина.






