вторник, 6 мај 2025

Водечки германски историчар: Ова може да е последното мирно лето во Европа (ВИДЕО)

Зенке Најцел, еден од водечките воени историчари на Германија, неодамна привлече внимание со изјавата дека претстојното лето може да биде последно лето на мир во Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој смета дека, можеби многу брзо, рускиот претседател Владимир Путин ќе го стави на голем тест целиот Запад.

Во разговор за Дојче веле Најцел пред сè кажува дека зборувал за најцрното сценарио: „Никој не може да ја прорече иднината. Таа е магловита. Никој вистински не знае што Путин ќе направи или нема да направи“.

Тој вели дека американскиот претседател Доналд Трамп е деструктивен кон НАТО, додека истовремено работи на „негативен мировен договор во Украина“.

„Тоа ги ослободува силите на Путин да работат други нешта. А за есенва во Белорусија е најавена голема воена вежба „Запад““, вели тој, потсетувајќи дека „воената вежба“ во 2021 всушност беше распоредување војска за напад на Украина.

Неговиот заклучок е дека НАТО, а особено Германија, мора да го забрзаат јакнењето на одбраната, бидејќи, како што вели, Путин нема да чека НАТО да зајакне пред евентуално да нападне некоја членка на Алијансата.

„Особено во Германија многумина мислат: Па добро, уште имаме мир. Но јас велам дека немаме. Не сме ни во војна. Ние сме во некаква меѓусостојба. И мислам дека треба да се подготвиме и да забрзаме“, додава Најцел.

Тој верува дека оценките дек Путин е „луд“ се сосема бескорисни. „Мислам дека тој има сопствена пресметка. Тоа за нас ги отежнува работите бидејќи ние се водиме со поинаква граматика, така да кажам. Меѓународното право, не смеат да се менуваат границите и така натаму. Додека Путин има друг пристап“.

„Од негов аспект, земја како Украина, која сè повеќе станува дел од Западот и развива демократија, станува опасност за неговиот меѓународен поредок“, додава германскиот историчар.

Најцел во говорите на Путин ја гледа старата руска идеја за хегемонија во Европа и протерување на американското влијание. Според него, не станува збор само за Донбас во Украина. „Ова е судир на Западот и Русија“, смета тој.

„Ова е голем предизвик за Западот и Европејците, бидејќи станавме премногу зависни од Америка околу нашата безбедност. А сега сведочиме на промена, ново калибрирање на архитектурата на западната одбрана. Тоа бара некое време, бидејќи ова е систем кој траеше 75 години“, наведува Најцел.

„Значи, најлошото сценарио е да завршиме во војна со Русија. Или да паднеме под рускиот притисок и одбиеме да се бориме. Или најдоброто сценарио – во Украина да има мир, САД да останат во Европа, Европејците да се вооружат и да имаме деценија мир“, вели тој за ДВ.

Зборувајќи за можните сценарија за понатамошни руски напади, Најцел е прилично сигурен дека Путин ќе продолжи да го тестира Западот со „хибридна војна“, на пример со уништување на подводните кабли во Балтичко Море или со политичко поткопување.

„Но може да дојде до ситуација, оваа есен или подоцна, руски бригади да го преминат мостот во Нарва во Естонија и да кажат дека тоа сега е руска територија. Каква ќе биде тогаш нашата реакција?“, прашува Најцел.

„Мислам дека тука мора да бидеме многу јасни, како во Студената војна – ако ја преминеш оваа линија, тогаш сме во војна. Таквиот вид одвраќање, според мене, е најдобриот начин да се спречи војна“, заклучува тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ