Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека повеќе од 150 луѓе се хоспитализирани со повреди здобиени додека се обидувале да избегаат од зградите, пренесе Асошиетед прес. Земјотресот е почувствуван и во соседните покраини Текирдаг, Јалова, Бурса и Баликесир, како и во градот Измир, кој се наоѓа на околу 550 километри јужно од Истанбул. Регистрирани се неколку последователни потреси, меѓу кои и еден со јачина од 5,3 степени.
„Поради паника, 151 наш сограѓанин е повреден поради скок од височина“, соопштија од кабинетот на гувернерот на Истанбул. „Тие се лекуваат во болници и никој не е во животна опасност“, додаде тој.
Многу жители се упатија кон парковите, училишните дворови и други отворени површини за да ја избегнат близината на зградите во случај на уривање или дополнителни земјотреси. Некои поставија шатори во парковите.
„Фала му на Бога, се чини дека досега нема големи проблеми“, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган на настанот по повод Денот на националниот суверенитет и Денот на детето. „Господ да нè штити од сите неволји, катастрофи, несреќи и проблеми“, додаде тој.