Властите објавија дека пилотот е пронајден мртов надвор од авионот по несреќата во Корурипе, област на тропскиот брег на Бразил, пишува Индипендент.
Противпожарната служба добила извештај за несреќата во недела во 13:48 часот, по што шест полицајци биле испратени на терен поради опасност од експлозија. Иако детонацијата не се случила, остатоците од авионот и пакетите со дрога биле расфрлани низ целото поле.
Avião que transportava cocaína, cai em canavial em Alagoas e o piloto morre.
(Embalaram a droga com o logo da SpaceX) pic.twitter.com/5c894cZC5t
— Paulo de Tarso (@paulodetarsog) September 15, 2025
Локалните медиуми објавија дека во авионот биле пронајдени помеѓу 180 и 195 килограми кокаин. Повеќе од 187 пакети со дрога биле завиткани во лажна амбалажа на Спејсекс, компанијата во сопственост на милијардерот Илон Маск.
Федералната полиција потврди дека се пронајдени докази што укажуваат на меѓународна трговија со дрога. Запленетиот кокаин бил транспортиран до Интегрираниот центар за јавна безбедност во Корурипе.
Иако полицијата не откри од каде полетал авионот или каде се упатил, леталото било опремено со дополнителни резервоари за гориво, што сугерира дека бил наменет за лет на долги релации.
„Истрагата ќе продолжи со цел да се продлабочат фактите и да се идентификува сопственикот на нелегалниот материјал, со отворање полициска истрага“, порача бразилската Федерална полиција во соопштението. Се верува дека авионот ја користел бразилската држава Алагоас како попатна станица на меѓународна рута за шверц на дрога, а истражителите проверуваат и дали пилотот бил запознаен со локалните воздушни рути.
Според достапните информации, авионот бил регистриран во Замбија, иако работел во Бразил најмалку две години. Не се евидентирани податоци за летот. За споредба, федералната полиција на Бразил запленила 74,5 тони кокаин само во 2024 година, што е зголемување од над два тона во однос на 2023 година, без да се сметаат заплените од локалните полициски сили.






