петок, 6 февруари 2026

Во Србија уапсен ветеран на ОВК

Заменик-претседателот на ОВЛ-ОВК, Газменд Сила, изјави за Радио Слободна Европа дека Ложани бил уапсен на границата меѓу Србија и Хрватска и дека за време на контролата во џебот му била пронајдена членска легитимација на ветеран на ОВК.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поранешен припадник на Ослободителна војска на Косово (ОВК), државјанин на Косово, бил уапсен во Србија во утринските часови на 5 февруари, соопштија Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВЛ-ОВК) и адвокатот Арианти Кочи.

Заменик-претседателот на ОВЛ-ОВК, Газменд Сила, изјави за Радио Слободна Европа дека Ложани бил уапсен на границата меѓу Србија и Хрватска и дека за време на контролата во неговиот џеб била пронајдена членска легитимација на ветеран на ОВК.

Сила додаде дека Ложани учествувал на неколку воени обуки во Албанија, но дека нема информации оти бил ангажиран на фронтовските линии на Косово.

Во меѓувреме, Кочи наведе дека апсењето се случило околу 11 часот на 5 февруари.

Според неговите зборови, овој случај не е изолиран, бидејќи апсењата на државјани на Косово што минуваат низ Србија се повторуваат.

Кочи ги повика властите на Косово да реагираат на овие апсења, не исклучувајќи ни политички мерки, „вклучително и 24-часовно затворање на границата, доколку апсењата продолжат“.

„Од моја страна, во својство на адвокат, се прави максимумот што е можно. Меѓутоа, ефикасната заштита на граѓаните на Косово не може да остане само на индивидуално ниво. Тоа е одговорност на државата, внатре и надвор од нејзините граници“, напиша Кочи.

Од Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово сè уште не се огласија во врска со овој случај.

Сè уште не е познато по кои основи се товари Ложани.

Меѓутоа, Србија подолго време приведува државјани на Косово под обвиненија за воени злосторства извршени на Косово во периодот 1998–1999 година, а само во текот на 2025 година беа забележани повеќе вакви апсења.

Србија во текот на 1990-тите години ја означи Ослободителна војска на Косово како терористичка организација, додека за Косово ОВК е организација што го бранела локалното население од репресијата на југословенските вооружени сили.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ