Швајцарските истражители брзаат да ги идентификуваат жртвите од пожарот што во новогодишната ноќ зафати преполн бар во алпското скијалиште Кран-Монтана, во кантонот Вале, при што загинаа најмалку 40 лица, а 115 се повредени.
Швајцарскиот претседател Ги Пармелен соопшти дека земјата ќе ја одбележи трагедијата со пет дена жалост и го опиша пожарот како еден од најтрауматичните настани во историјата на Швајцарија, пренесе денес весникот Гардијан.
„Тоа беше драма од досега невидени размери“, изјави тој, оддавајќи им почит на „младите животи што беа изгубени и прекинати“.
Швајцарија на тие млади луѓе, чии планови, надежи и соништа беа прекинати, им должи да обезбеди ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори, додаде претседателот.
Пожарот избувнал во 1:30 часот по полноќ во четвртокот, во барот „Констеласион“ (Le Constellation) во Кран-Монтана, но сè уште не е јасно што го предизвикало. Некои очевидци рекле дека пожарот започнал кога во шишиња шампањ биле ставени прскалки. Две жени изјавиле за француската телевизија дека шанкерот носел членка од персоналот што држела роденденска свеќа на шише шампањ близу плафонот.
🇨🇭🔥🎉 EN IMAGES – Une vidéo montre le tout début de l’incendie au bar « Le Constellation » à Crans-Montana (VS), au moment où le plafond s’enflamme. 20 Minuten) pic.twitter.com/ZfcoZt73WL
— SuisseAlert (@SuisseAlert) January 1, 2026
Очевидци рекле дека пламенот го зафатил покривот и дека за неколку секунди се проширил и ја зафатил преполната подрумска просторија со луѓе што ја славеле Новата година. Многумина биле тинејџери. Еден од повредените опишал голем метеж во кој луѓето очајнички се обидувале да избегаат по тесните скали.
Швајцарската полиција предупреди дека може да поминат денови, па дури и недели, додека да се идентификуваат сите загинати во катастрофата. Не е јасен ниту точниот број на луѓето што се наоѓале во барот во моментот на пожарот, а полицијата не соопшти колку лица сè уште се водат како исчезнати.
Главната обвинителка на кантонот, Беатрис Пилу, изјави дека се вложени значителни ресурси за да се идентификуваат жртвите и нивните тела што е можно побрзо да им се вратат на семејствата.
Таа рече дека не може да ги коментира извештаите дека запалените свеќи го предизвикале пожарот и нагласи дека се спроведува истрага што ќе ги утврди точните околности на настанот. Исто така ќе се испитува дали барот ги исполнувал безбедносните стандарди и дали ги имал потребниот број излези.
Претседателот на Швајцарија, Пармелен, изјави дека некои од преживеаните се тешко повредени, со сериозни изгореници и оштетувања на белите дробови.
Повредените биле пренесени во болници во Сион, Лозана, Женева и Цирих, а многу други биле префрлени во соседните земји.
Некои од оние што биле зафатени од пожарот биле посетители на скијалиштето од соседни земји. Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека 16 италијански државјани се водат како исчезнати и дека 12 италијански државјани се меѓу повредените. Франција потврди дека осум нејзини државјани се водат како исчезнати и дека не може да ја исклучи можноста меѓу загинатите да има Французи. Меѓу повредените има и еден Австралиец.






