Сардинија е еден од најубавите острови во светот, што го поставува прашањето: каде се сите луѓе?
Не туристи – нив ги има многу – туку локални жители. Населението на островот е 1,57 милиони, што е намалување во однос на 1,64 милиони пред три децении, но половина живеат во неговите две најголеми урбани области, додека помалите градови и села се намалуваат.
Големиот проблем е што луѓето не раѓаат деца, вели Политико.
Со просек од 1,18 дете по жена, Италија има една од најниските стапки на фертилитет во Европската Унија. Сардинија ја регистрираше најниската стапка во Италија, од 0,91 дете по жена. Само за да се одржи стабилно население, жените треба да имаат просек од 2,1 деца.

Високата невработеност на островот и подобрите изгледи за работа на други места го прават останатото, бркајќи ги младите луѓе од десетици села.
„Последното дете тука се роди пред 10 години“, рече Марија Ана Камеда, градоначалничката на Барадили, најмалото село во Сардинија, со население од 76 жители.
Местото е мало – помалку од 500 метри е оддалечен знакот „Добредојдовте во Барадили“ од оној што го означува крајот на селото, кое е добро одржувано и украсено со фотографии – како некоја голема семејна куќа.
Ризикот местата како Барадили да станат градови-духови го поттикнува островот да се обиде да привлече новодојденци.
Секој брачен пар што ќе се пресели во некое село на Сардинија со помалку од 3.000 жители може да добие до 15.000 евра за купување или реновирање дом, до 20.000 евра за започнување бизнис што создава локални работни места и месечна субвенција од 600 евра за нивното прво дете плус 400 евра за секое следно дете додека не наполни 5 години.
Овие стимулации се дел од пакетот против депопулација воведен од островот.
Тие доаѓаат покрај локалните вонредни мерки, како што е понудата на општината Ололаи – куќи за 1 евро за новодојденците.
И покрај стимулациите, мигрантите го игнорираат островот.
Романија, Сенегал, Мароко, Кина и Украина се матични земји на приближно половина од 52.000 странци што живеат во Сардинија, што е околу 3,3 проценти од населението на островот. Националниот просек е 8,9 проценти.

Во 2022 година, бројот на странците што се преселиле во Сардинија не сочинувал ниту една четвртина од падот на населението што се случил таа година.
Италијанската демографска зима, која е уште посурова во Сардинија, неодамна ја принуди десничарската влада на Џорџа Мелони да дозволи 500.000 странски работници да влезат во земјата во текот на следните три години.
Но во малите заедници, ситуацијата останува критична. Во Барадили, основното училиште се затвори пред повеќе од 30 години, а денес децата од неколку села посетуваат настава на ротирачки начин, патувајќи секое утро со бесплатен автобус.
Најблиското средно училиште и болницата се оддалечени повеќе од 30 километри.
Емигрантска коњаница
Додека многу млади Сардинијци ги напуштаат своите села, некои странци го избираат спротивниот правец. Шпанскиот фотограф Иво Ровира го открил селото Армунгија случајно, додека работел во Сардинија. Воодушевен од пејзажот на селото со помалку од 400 жители, тој решил да преземе акција.

„Го паркирав автомобилот и отидов на прошетка. Најдов куќа во историскиот центар со знак на кој пишуваше ‘На продажба’. Десет дена подоцна, го платив депозитот“, рече тој. Тој и неговата сопруга, Ана Понсе, се преселиле трајно, ја реновирале старата куќа и отвориле ресторан. „Не се чувствуваме како дигитални номади; ние сме вистински Армунгијци“, додава Ровира.
Бјанка Фонтана, Австралијка со италијански корени, има слична приказна и сонувала да се пресели во Италија по пандемијата. „Купив куќа во рок од две недели. И се преселив тука околу шест месеци подоцна“, вели Фонтана, која се населила во Нулви, град со околу 2.500 жители. Таа го документира својот нов живот на јутјуб-канал, каде што ги споделува своите искуства од реновирањето на својата куќа и живеењето на островот.
Има и такви што се враќаат. Марчело Конту ја напуштила Сардинија на 18 години, живеела во Торино, Барселона и Австралија, и на крај се вратила во селото Бидони, со неговите 120 жители, за да започне со производство на веганско сирење. „Географската изолација и недостигот од услуги се постојан практичен предизвик“, признава таа, но верува дека малите села го нудат она што големите градови го изгубиле: „време, простори со големина на човек, автентични односи и силна врска со природата“.
Многу, многу евтини куќи
Ололај стана познат како град на куќи од 1 евро, проект започнат во 2016 година. Градоначалникот Франческо Колумбу вели дека околу 100.000 луѓе изразиле интерес, но само неколку странски семејства успеале да добијат куќа. Во меѓувреме, селото продолжува да губи жители.
Ана Марија Колавити, професорка по урбанистичко планирање на Универзитетот во Каљари, верува дека ваквите иницијативи сами по себе не се доволни. Нејзината студија покажала дека новите сопственици понекогаш го препродаваат имотот по иста цена бидејќи не можат да си ги дозволат неочекувано високите трошоци за реновирање.
Сепак, градоначалничката на Ололај не се откажува. „Ололај нема да умре толку лесно. Селата во внатрешноста на Сардинија преживеале полоши кризи, како што е чумата во 17 век, и се опоравиле“, рече Колумбу. „Ние имаме подобар квалитет на живот и сме на еден час од најубавите плажи во светот. Велам дека убавите работи никогаш не умираат.“






