среда, 14 јануари 2026

Во САД во 2025 првпат по 50 години пад на бројот на мигрантите, последиците ќе бидат големи

Соединетите Американски Држави во 2025 година забележаа негативна нето-миграција првпат по најмалку половина век, како последица на строгите имиграциски мерки на администрацијата на Трамп, се наведува во извештај објавен во вторникот од Институтот Брукингс, пренесува Еј-би-си њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако администрацијата презела обемни мерки за отстранување, негативната бројка главно е резултат на значителен пад на бројот на влезовите во САД, се наведува во извештајот. „Проценуваме нето-текови од –295.000 до –10.000 за таа година“, стои во студијата на Институтот Брукингс.

„Иако и натаму постои висок степен неизвесност во однос на политиките, продолжување на негативната нето-миграција е веројатно и во 2026 година.“ Извештајот ја припишува оваа промена на комбинација од голем пад на бројот на влезовите и зголемени активности на спроведување на законот што довеле до отстранувања и доброволни заминувања.

Кон негативната нето-миграција придонела и суспензијата на многу хуманитарни програми од страна на администрацијата на Трамп, вклучително и поголем дел од програмите за бегалци, со исклучок на оние што се однесуваат на белите Јужноафриканци, како и падот на бројот на привремените визи.

Авторите на извештајот проценуваат дека во 2025 година имало меѓу 310.000 и 315.000 отстранувања, што е бројка пониска од онаа што ја тврди администрацијата. Претставници на Министерството за внатрешна безбедност тврдат дека досега, за време на акцијата за сузбивање на имиграцијата, биле отстранети повеќе од 600.000 луѓе.

„Со 310.000 до 315.000, бројот на отстранувања во 2025 година не е значително поголем од бројот на отстранувања во 2024 година, кој изнесуваше околу 285.000“, се наведува во извештајот.

За разлика од 2024 година, поголем дел од отстранувањата во 2025 година ги иницирала Американската царинска и гранична заштита од внатрешноста на земјата, а не Имиграциската и царинската служба, и покрај тоа што постапките на некои службеници на таа служба доминираа во медиумските наслови. Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност, кое ги надгледува двете служби, не одговорил веднаш на барањето за коментар.

Авторите на извештајот исто така предвидуваат дека бројот на отстранувањата ќе се зголеми во 2026 година со средствата од законот на претседателот Доналд Трамп „Еден голем прекрасен закон“, за кој во извештајот се наведува дека „веројатно ќе овозможи проширување на инфраструктурата и персоналот за постигнување повисоко ниво на спроведување на законот“.

Според извештајот, властите исто така предвидуваат дека поради загубата на нето-миграцијата одредени сектори на економијата ќе доживеат „неочекувано слаба економска активност“, особено компаниите што им даваат услуги на погодените имигрантски популации.

„Забавувањето подразбира послаб раст на вработеноста, бруто-домашниот производ и потрошувачката“, се наведува во извештајот, со додавање дека се очекува пад на потрошувачката меѓу 60 и 110 милијарди долари во текот на 2025 и 2026 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ