четврток, 18 декември 2025

Во право е, имам алкохоличарски карактер, рече Трамп за изјавите на шефицата на неговиот кабинет

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека се согласува со описот на неговата личност што го изнесе шефицата на неговиот кабинет, Сузи Вајлс, велејќи дека има „алкохоличарска личност“. Со тоа тој ја бранеше Вајлс по објавувањето на нејзините изјави во магазинот Венити фер во вторникот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп, кој не пие алкохол, за Њујорк пост изјави дека верува оти, кога би пиел, би имал „многу големи шанси да стане алкохоличар“. „Тоа сум го кажал многупати и за себе“, додаде Трамп, опишувајќи ја својата личност како „посесивна и зависничка“, изјави претседателот на САД за Њујорк пост.

На прашањето дали има целосна доверба во Сузи Вајлс, Трамп одговори: „О, таа е фантастична“, согласувајќи се и со тврдењето на Њујорк пост дека новинарот на Венити фер Крис Випл ја „довел во заблуда“ Вајлс во врска со фокусот на текстот.

„Колку што слушнав, фактите биле неточни, а интервјуто било многу погрешно водено, намерно погрешно водено“, рече Трамп за написот во Венити фер.

Трамп реагираше на изјавите што Вајлс ги дала за Венити фер, во кои вели дека Трамп „има алкохоличарска личност“, што таа го опиша како уверување „дека не постои ништо што не може да го направи“.

Белата куќа, исто така, застана во одбрана на Вајлс, која во серија текстови објавени во вторникот изнесе низа контроверзни оценки за работата на администрацијата на Трамп. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека „претседателот Трамп нема поголем ниту полојален советник од Сузи“, рече Каролин Ливит.

Вајлс остро го критикуваше текстот во објава на Икс, нарекувајќи го „неискрено обликуван напад врз мене и врз најдобриот претседател, персонал на Белата куќа и кабинет во историјата“.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и државната обвинителка Пем Бонди, исто така, ја бранеа Вајлс откако во текстот беа цитирани нејзини остри изјави за нив. Бонди, за која Вајлс рече дека „целосно потфрлила“ во постапувањето со владините документи поврзани со Џефри Епстин, ја нарече Вајлс „драга, драга пријателка“ во објава на Икс и истакна дека шефицата на персоналот ја спроведувала агендата на Трамп со „елеганција, лојалност и историска ефикасност“.

Џеј Ди Венс, кого Вајлс го опиша како теоретичар на заговори, рече дека таа карактеризација „понекогаш“ е точна. Обраќајќи се пред публика во Пенсилванија, Венс рече: „Верувам само во теории на заговор што се вистинити“.

Во серија од 11 интервјуа во текот на првата година од вториот мандат на Трамп, Сузи Вајлс даде отворени и често многу директни оценки за работата на Белата куќа, повремено критикувајќи некои од најконтроверзните одлуки на администрацијата.

Таа рече дека Трамп „не бил во право“ кога тврдел дека името на поранешниот претседател Бил Клинтон се појавува десетици пати во евиденциите на летови поврзани со документите на Епстин. Наведе дека името на Трамп навистина се појавува во документите, но „не во контекст дека направил нешто страшно“, изјави Вајлс за Венити фер.

Таа зборуваше и за сопствените дилеми околу одлуката на Илон Маск да ја затвори Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), како и за неговата наводна употреба на дроги. „Тој е отворен корисник на кетамин“ и „чуден, многу чуден тип“, изјави Сузи Вајлс за Венити фер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ