среда, 4 март 2026

Почна седницата на политичкото советодавно тело во Кина: илјадници предлози и подготовки за новиот петгодишен план

Во Пекинг е во тек годишниот политички настан познат како „Двете сесии“, период во кој највисокото раководство на земјата ги утврдува економските цели, законодавните приоритети и стратегиските политики за наредната година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во кинескиот главен град Пекинг овие денови се одржува еден од најважните политички настани во Народна Република Кина – „Двете сесии“. Станува збор за годишни заседанија на Собранието на народните претставници и на Народната политичка консултативна конференција, настан што се смета за клучен момент во кој кинеското раководство ги дефинира економските и политичките приоритети за годината што следува.

Претседателот на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција, Ванг Хунинг, поднесе извештај за работата пред околу 2.100 политички советници во Пекинг на отворањето на годишната седница на ова тело. Со тоа официјално започнаа овогодишните „Две сесии“, годишните состаноци на највисокото законодавно и политичко советодавно тело во Кина. Седницата на Собранието на народните претставници треба да започне в четврток.

Во извештајот Ванг истакна дека во изминатата година биле поднесени 5.992 предлози, од кои 5.061 биле официјално разгледани, со стапка на одговор од 99,9 проценти. Политичките препораки добиле и 1.057 инструкции од државното раководство, како и 201 повратен извештај од локалните власти и институциите.
Според него, советодавното тело продолжува да придонесува за носење политики преку консултации и анализи, а во текот на годината биле организирани многубројни состаноци и консултации со експерти и институции.

Ванг нагласи дека се продлабочува и меѓународната соработка. Во изминатата година биле одржани 210 настани со учество на 1.781 странски претставник од 129 земји и меѓународни организации.

Тој додаде дека 2026 година е почеток на новиот 15-ти петгодишен план на Кина, поради што советодавното тело ќе се фокусира на економскиот развој, технолошките иновации, реформите, општествениот развој и подобрувањето на животниот стандард. Целта, според него, е преку пошироки консултации и истражувања да се обезбеди силен почеток на новата развојна стратегија на земјата.

Овој политички циклус традиционално се одржува секоја година во почетокот на март во Пекинг и трае околу една недела до десет дена. Прво започнува заседанието на Народната политичка консултативна конференција, а веднаш потоа следува состанокот на Собранието на народните претставници, највисокото законодавно тело во земјата.

Собранието на народните претставници има околу три илјади делегати од сите провинции, автономни региони и големи градови во Кина. Делегатите формално ги усвојуваат законите, буџетот и клучните политички одлуки на државата. За време на заседанијата се разгледуваат извештаите на владата, на судските институции и на другите државни органи, а се дискутира и за широк спектар прашања – од економската политика и индустрискиот развој до социјалната политика и безбедноста.

Паралелно со тоа заседава и Народната политичка консултативна конференција, тело со советодавна улога во кое учествуваат претставници на различни политички партии, бизнис-заедницата, академската сфера, етничките малцинства и други општествени групи. Иако ова тело нема законодавна моќ, неговата улога е да обезбеди поширока политичка консултација и да формулира препораки што често влијаат врз идните политики на владата.

Еден од најзначајните моменти на „Двете сесии“ е презентирањето на извештајот за работата на владата, кој го поднесува премиерот на Кина. Во овој документ се сумираат постигнувањата од претходната година, но и се поставуваат конкретни цели за економскиот раст, стабилноста на пазарите, вработувањето и јавните инвестиции. Извештајот воедно ги навестува и главните приоритети на државата – од индустрискиот и технолошкиот развој до социјалните политики и подобрувањето на животниот стандард.

Годинава се очекува посебен акцент да биде ставен на стабилизирањето на економијата, поддршката на високотехнолошките индустрии и зајакнувањето на домашната потрошувачка. Во фокусот се и инвестициите во инфраструктура, енергетската транзиција и научните истражувања, како дел од пошироката стратегија на Кина за технолошка самостојност и долгорочен економски раст.

Историјата на „Двете сесии“ датира од првите години по формирањето на Народна Република Кина во 1949 година. Народната политичка консултативна конференција е основана истата година како форум за политичка координација, додека Собранието на народните претставници беше воспоставен во 1954 година како највисокото законодавно тело на државата. Со текот на децениите нивните годишни заседанија се претворија во централен политички настан што ги обединува институциите на државата и претставниците на различни општествени групи.

Во современиот политички систем на Кина „Двете сесии“ имаат и значајна економска димензија. Одлуките и сигналите што доаѓаат од Пекинг често ги поставуваат рамките за индустриската политика, технолошките инвестиции и макроекономските мерки во наредниот период. Поради големината на кинеската економија и нејзиното влијание врз глобалните пазари, исходот од овие заседанија внимателно го следат инвеститорите, владите и аналитичарите низ светот.

Токму затоа „Двете сесии“ не се само формален политички календарски настан, туку момент кога се дефинира насоката во која ќе се движи кинеската економија, државната политика и меѓународната позиција на земјата во текот на годината.

Александар Дамовски,

Пекинг

.

Александар Дамовски,

Пекинг

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ