Тоа претставува ескалација на тензиите меѓу двете земји, тајландските селани почнаа да ги напуштаат своите домови барајќи засолниште откако започна вооружениот конфликт.
Борбите се водат во најмалку шест области долж границата долга 800 километри, изјави портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, Сурасант Конгсири.
Причина беше вчерашната експлозија на мина на границата, во која беа повредени пет тајландски војници. Затоа Бангкок го отповика својот амбасадор од Камбоџа и го протера камбоџанскиот.
Тајланд, исто така, ги затвори сите копнени гранични премини, повикувајќи ги своите граѓани да ја напуштат Камбоџа. Тензиите меѓу двете земји, кои траат со години, повремено резултираат со размена на оган.
Односите нагло се влошија по судирот во мај во кој загина камбоџански војник, денешниот конфликт е поголем по обем и интензитет од вообичаеното.
Тајландската војска соопшти дека војниците слушнале дрон пред да видат шест вооружени камбоџански војници како се приближуваат до тајландските воени позиции на границата. Се наведува дека тајландските војници се обиделе да им викнат за да ја смират ситуацијата, но камбоџанската страна отворила оган.
Сепак, Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека Тајланд прво го подигнал дронот пред да отвори оган и дека Камбоџа дејствувала строго во границите на самоодбрана“, одговарајќи на неиспровоциран упад на тајландската војска што го нарушил нивниот територијален интегритет.
Камбоџанскиот премиер Хун Манет побара од претседателот на Советот за безбедност на ОН итен состанок „за да се запре агресијата на Тајланд“.
Тајландската војска соопшти дека подоцна започнала воздушни напади врз воени цели во Камбоџа, додека Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека тајландските авиони фрлале бомби на пат во близина на античкиот храм Преа Вихеар, кој беше место на некои од најзначајните и најжестоките судири во минатото меѓу земјите.
Вршителот на должноста премиер Пумтам Веџаџачаи изјави дека загинале 11 лица, вклучувајќи 10 цивили и еден војник. Во меѓувреме повредени се 28, од кои четворица војници, останатите цивили.
Камбоџа не објави детали за смртни случаи или повредени од своја страна.






