четврток, 17 јули 2025

Во Колорадо, напаѓач фрлал молотови коктели и запалил луѓе, шестмина повредени (ВИДЕО)

Шест лица се повредени, а една жена се здоби со тешки изгореници во напад врз мирен собир за поддршка на израелските заложници во Газа, кој се одржа вчера во центарот на Боулдер, Колорадо. Напаѓачот, 45-годишниот Мохамед Сабри Солиман, извикувал „Слободна Палестина“ додека фрлал запаливи направи кон толпата. ФБИ го третира инцидентот како терористички напад.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Нападот се случи на популарната пешачка зона на улицата Перл во самиот центар на Боулдер. Толпата учествувала во неделна прошетка во поддршка на израелските заложници, организирана од волонтерската група „Трчај за нивните животи“.

На видеото објавено од Си-ен-ен се гледа гол маж кој држи две шишиња во рацете, извикувајќи: „Слободна Палестина!“, „Запрете со ционистите!“ и „Тие се убијци!“ Додека полицаец со пиштол се обидува да го запре, сведоците извикуваат: „Фрла молотови коктели!“

Меѓу ранетите има постари лица – на возраст од 67 до 88 години. Некои претрпеле полесни повреди, додека други се здобиле со тешки изгореници.

Една жена морала да се фрли на земја и да се тркала за да го изгасне пламенот.

Полицијата го идентификуваше напаѓачот како Мохамед Сабри Солиман, египетски државјанин чија виза истекла во 2023 година. Си-би-ес објави дека неговото барање за азил било одбиено уште во 2005 година, и не е јасно кога и како повторно влегол во САД. Властите потврдија дека дејствувал сам и дека не се бараат други осомничени.

Солиман исто така бил повреден и однесен во болница, но природата на неговите повреди е непозната.

Стивен Милер, поранешен советник на Трамп и сегашен заменик-шеф на кабинетот на Белата куќа, напиша на Икс дека администрацијата на Бајден му дала на Солиман туристичка виза, која тој ја пречекорил, а потоа и работна дозвола. Тој го нарече нелегален имигрант.

Шефот на канцеларијата на ФБИ во Денвер, Марк Михалек, рече дека напади како овој станале премногу чести низ целата земја.

„Напаѓачите продолжуваат да им се закануваат на заедниците низ САД“, рече тој.

Заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонгино, рече: „Ова е терористички чин кој се истражува како идеолошки мотивиран чин на насилство. Јасно ќе зборуваме кога фактите го бараат тоа.“

Министерството за правда на САД го нарече нападот непотребен чин на насилство, во контекст на неодамнешните напади врз Евреите во САД.

Нападот се случува само една недела откако друг маж, исто така извикувајќи „Слободна Палестина“, уби двајца вработени во израелската амбасада пред Еврејскиот музеј во Вашингтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ