Богатството на супербогатите се искачи на околу 13,6 трилиони евра во рок од една година – зголемување од 13 проценти во споредба со 2024 година, според пресметките на швајцарската глобална банка УБС.
Банката во анализата ги зема предвид готовината, хартиите од вредност, акциите во компаниите, недвижностите и другите материјални средства.
Оваа огромна сума е распределена на постојано растечка група луѓе. УБС до сега изброила 2.919 милијардери, а минатата година 2.682.
Во исто време, 91 лице влегле во редовите на милијардерите благодарение на наследството. Меѓу супербогатите, мажите се значително побројни – 2.545 милијардери се мажи, а 374 се жени.
Во Германија, бројот на милијардери се зголемил за една третина, на 156. Повеќе милијардери живеат во Германија отколку во која било друга европска земја.
Четвртина од нив самостојно влегле во клубот на супербогати.
Милијардерите во Германија успеале да го зголемат своето богатство во споредба со претходната година за околу 134 милијарди евра, на вкупно околу 635 милијарди евра. Германија е „најбогатиот регион на Западна Европа“.
Германија е лидер во неколку индустриски сектори – од фармацевтска индустрија, до машинско инженерство, до стоки за широка потрошувачка – и обезбедува широка основа за претприемачки успех.
Исто така, во Германија постои силна традиција на наследување богатство. Само оваа година, 15 членови на две фармацевтски семејства наследија многу пари.
Сепак, во споредба со водечките Соединети Американски Држави, бројот на милијардери во Германија е мал. САД имаат 924 милијардери со вкупно богатство од околу 6,3 трилиони евра. Кина е на второ место со 470 милијардери и вкупно богатство од околу 1,65 трилиони евра.
Бројот на милијардери ќе продолжи да расте во наредните децении, како што се забрзува трансферот на богатство, смета УБС.
Проценките покажуваат дека до 2040 година, милијардерите ќе префрлат околу 6,3 трилиони евра богатство низ целиот свет, при што најмалку 5,4 трилиони евра ќе бидат наследени директно или индиректно од сопружниците или децата.






