Уставот на Сојузна Република Германија му забранува на Бундесверот да се бави со домашни безбедносни прашања. Германската војска може да се фати за оружје само во случај на инвазија, а адвокатите во Берлин веруваат дека неодамнешните инциденти со беспилотни летала не ја задоволуваат таа дефиниција.
„Мораме да го смениме уставот за единствените кои со ова можат да излезат на крај – мислам на Бундесверот – имаат овластување и да го направат тоа“, изјави за Политико Томас Ревенкамп, претседател на парламентарниот одбор за одбрана и член на партијата ЦДУ на Мерц.
Според официјалното толкување на постоечките закони, Бундесверот има право да соборува беспилотни летала само над воени бази, но не и на остатокот од германската територија. Од друга страна, полицијата има право да соборува дронови, но нема со што.
„Сојузната полиција, како ни регионалните, во моментов нема никакви капацитети за одбрана од беспилотни летала“, кажа Ревенкамп.
Сè што Бундесверот во моментов смее да направи е да ѝ обезбеди „административна помош“ на полицијата преку идентификување на дроновите и проследување на информации до надлежните власти, како што се случи неодамна во случајот на аеродромот во Минхен.
За време на германскиот Рајх и Вајмарската република германската армија „често и сурово била употребувана против социјалдемократите и левичарите. За да се избегне ова, во уставот од 1949 година биле воведени овие строги правила“, кажа Катрин Грох, професорка на минхенскиот Универзитетот на Бундесверот.
Министерот за внатрешни работи Александар Добринт објави планови за формирање единица на сојузната полиција за одбрана од беспилотни летала и команда која би им овозможила на војската, разузнавачките служби и полицијата да споделуваат информации и ресурси.
Добринт планира да предложи и закон кој ќе му дозволи на Бундесверот да соборува беспилотни летала во германскиот воздушен простор ако се процени дека нивното присуство загрозува животи. Правните експерти, меѓутоа, не се убедени дека таквиот закон би бил уставен.
Сè освен „административна помош“ ќе заврши пред уставниот суд, тврди Мари Агнес Штрак Цимерман, германска политичарка која моментално претседава со одборот за безбедност и одбрана на Европскиот парламент.
Владата на Мерц, која Политико ја опишува како „релативно слаба коалиција на десниот центар и левиот центар“, нема двотретинско мнозинство потребно за промена на уставот и малку е веројатно дека за тоа би добила поддршка од опозицијата.
Ревенкамп инсистира дека уставните промени се единственото долгорочно решение, бидејќи „светот се промени и повеќе нема разлика помеѓу внатрешната и надворешната безбедност“.
Честите инциденти со беспилотни летала во близина на аеродромите и индустриските постројки најчесто се припишуваат на Русија, без никакви докази. Инцидентот во Минхен се покажа дека е предизвикан од аматерски дрон што му припаѓал на Хрват, кој сега се соочува со казна од 10.000 евра.






