„Моментално ни недостасуваат повеќе од 120.000 возачи на камиони, а ситуацијата би можела дополнително да се влоши“, изјави за Ројтерс Дирк Енгелхард, портпарол на Здружението на германски шпедитери (БГЛ).
Тој кажа дека годишно се пензионираат од 30 до 35 илјади возачи, додека во исто време на пазарот на трудот се појавуваат само 15 до 20 илјади нови.
„Јазот помеѓу понудата и побарувачката за возачи ќе станува сè поголем и поголем“, оцени Енгелхард.
Тој вели дека многу шпедитери се принудени да одбиваат понуди за превоз на стоки поради недостигот од достапни возачи.
Во Германија 80 проценти од стоките сè уште се транспортираат по пат, иако со години има иницијативи за префрлање на што е можно повеќе превоз на стоки на железницата.
Енгелхард, во име на Здружението на шпедитери, го изрази својот страв во случај на проширување на руската агресија во други европски земји.
„Во тој случај, сите камиони би биле принудени да се вратат во својата земја на потекло, а сега речиси секој друг камион на германските патишта има странски регистрации“, кажа Енгелхард.
Тој апелира до политичарите да го олеснат издавањето работни визи за возачите од земји кои не се членки на Европската Унија.






