сабота, 4 април 2026

Во екот на војната во Иран Хегсет го разреши највисокиот офицер на Копнената војска – без да каже зошто

Додека Соединетите Американски Држави (САД) водат војна против Иран, министерот за одбрана на САД Пит Хегсет го разреши највисокиот офицер на Копнената војска, соопшти Пентагон во четвртокот, без да наведе причина за тоа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Генералот Ренди Џорџ „веднаш ќе се повлече од функцијата началник на Генералштабот на Копнената војска“, пренесе Шон Парнел, портпарол на Пентагон.

Џорџ ја извршуваше функцијата началник на Генералштабот на Копнената војска, која обично трае четири години, од август 2023 година, за време на администрацијата на Бајден.

Ова разрешување, за кое претходно извести телевизијата Си-би-ес њуз, е најново во низата од повеќе од десет отпуштања на високи генерали и адмирали што Хегсет ги изврши откако минатата година стапи на должност како министер.

Како и за многу други отпуштања, функционерите на Пентагон не наведуваат причина за заминувањето на Џорџ, речиси пет недели од почетокот на американско-израелската војна против Иран, додека претседателот Доналд Трамп не кажува кога би можела да заврши војната.

Џорџ дипломирал на Воената академија Вест Поинт и е пешадиски офицер што служел во Првата заливска војна, како и во Ирак и Авганистан. Бил главен воен помошник на министерот за одбрана Лојд Остин од 2021 до 2022 година, за време на администрацијата на Бајден, пред да ја преземе највисоката раководна функција во Копнената војска.

Џорџ ги преживеа почетната рунда отпуштања под администрацијата на Трамп во февруари 2025 година, кога Хегсет ги разреши највисоките воени лидери, вклучително и адмиралката Лиза Франкети, највисокиот офицер на Морнарицата, и генералот Џим Слајф, вториот по важност во Военото воздухопловство. Трамп го разреши и генералот Чарлс „Си Кју“ Браун помладиот од функцијата началник на Здружениот генералштаб.

Оттогаш, повеќе од десет други високи воени генерали и адмирали или беа предвреме пензионирани или разрешени.

Меѓу нив беше и заменикот на Џорџ, генералот Џејмс Мингус, кој на функцијата заменик-началник на Генералштабот на Копнената војска беше помалку од две години кога Трамп ненадејно на таа должност го постави генерал-потполковникот Кристофер Ланив. Ланив дотогаш беше главен воен помошник на Хегсет, а претходно командант на Осмата армија во Јужна Кореја.

Ланив ќе ја преземе функцијата вршител на должност началник на Генералштабот на Копнената војска, според еден функционер на Пентагон. Тоа е молскавичен напредок за офицер што пред две години беше само генерал-мајор.

Разрешувањето на Џорџ доаѓа во време кога падобранците од 82. воздухопловно-десантна дивизија на Копнената војска се упатуваат кон Блискиот Исток заедно со илјадници припадници на морнаричката пешадија и други сили. Администрацијата на Трамп избегнуваше да одговори на прашањата дали Копнената војска на САД ќе распореди копнени трупи против Иран.

Во говор во средата за војната, Трамп не изнесе временска рамка за нејзино завршување и даде малку детали за својата стратегија, но најави нови воени акции.

„Ќе ги погодиме исклучително силно во следните две до три недели“, рече Трамп за Иран и додаде: „Ќе ги вратиме во камената доба, каде што им е местото“.

Хегсет го повтори тој став на социјалните мрежи: „Назад во камената доба“.

Мисијата на Иран при Обединетите нации на платформата Икс порача дека изјавата на Трамп „одразува незнаење, а не сила“, наведувајќи дека иранската цивилизација трае повеќе од 7.000 години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ